На денешен ден загина Естреја Хаим Овадија – Мара, македонска комунистка, Еврејка, учесничка во НОБ. Прогласена е за народен херој на Југославија на 11 октомври 1953.

Овадија е родена на 25 декември 1923 во Битола, во работничко еврејско семејство. Рано останала без татко. Имала уште две сестри, за чие издржување покрај мајка ѝ, што работела како перачка по богатите куќи, иако мала, се грижела и таа. Естреја посетувала и училиште. Многу мала ја почувствувала сета беда на сиромаштијата и целиот бес на богатите, кај кои и самата морала да работи. Веќе во 1938 година, со неполни 16 години се активира во Еврејското хуманитарно друштво „Визо“ во родниот град. Подоцна истата година, заминала на работа во Белград. Нејзиниот револуционерен активизам дошол до израз за време на демонстрациите на 27 март 1941 година во Белград. Била на чело на работничката група поттикнувајќи општ револт против предавничката политика на југословенската влада. Тоа била доволна причина да стане членка на СКОЈ, а потоа уште поинтензивно да го продолжи своето револуционерно делување. По капитулацијата на земјата, во 1941 година се вратила во Битола и се вклучила во подготовките за оруженото востание.

Член на КПЈ била од 1942 година. Непосредно пред депортацијата на македонските Евреи, се илегализирала на 10 март 1943, а потоа на 5 април 1943 година заминала првин како борец на Партизанскиот одред „Даме Груев“, потоа во Партизанскиот одред „Гоце Делчев“ и во други единици на НОВ и ПОМ. Учествувала во борбите за одбрана на слободната територија во Западна Македонија, а меѓу борците била позната како храбрата болничарка Мара. Учествувала и во Февруарскиот Поход.

При формирањето на Третата македонска ударна бригада била назначена за заменик политички комесар на чета. Учествувала и во обезбедувањето на Првото заседание на АСНОМ. На 22 август 1944 година при формирањето на Седмата македонска бригада, била назначена за политички комесар на баталјон.

Загинала во борба со бугарските окупаторски сили, во близина на врвот Кајмакчалан на 25 август 1944 година. Тогаш имала само 22 години.

Освен бистата во родниот град и една детска градинка, нејзиното име го носи и улица во Ерусалим во Израел.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.