До овој момент од Клиниката за радиотерапија и онкологија е обезбеден обемен доказен материјал и документација која веќе е предмет на анализа. Дополнително, во тек се распити и на 20-тина пациенти кои до овој момент доброволно се јавија на телефонската линија на Основното јавно обвинителство Скопје за да ѝ помогнат на истрагата со свои сознанија, информираат од ЈО.

Се извлекуваат податоците со истории за третманот на групи пациенти кои примале биолошка терапија на Клиниката, како и медицински истории на уште околу 40-тина пациенти за кои се врши директна проверка на податоците за лекувањето. Основното јавно обвинителство Скопје формираше тим од експерти кои вршат анализа на целокупното економско-финансиско работење на Клиниката, како и анализа на податоците од здравствените истории на пациентите, стои во сопштението од Обвинителството во врска со постапувањето по случувањата во Онкологија.

Оттаму дополнуваат дека надлежните јавни обвинители извршиле распит на повеќемина вработени на Клиниката за онкологија, како и на двајца експерти, а во тек се и распити на 20-тина пациенти кои доброволно се јавиле во ЈО за да ѝ помогнат на истрагата со свои сознанија.

Во насока на целосно расчистување на настанот, Основното јавно обвинителство Скопје постапува во координација со Министерството за внатрешни работи, кое по наредба на јавниот обвинител врши анализа на компјутерските податоци одземени при извршените претреси на три локации.

Единицата за финансиски истраги при МВР е задолжена да изврши финансиска истрага, а определени дејствија се побарани и од Управата за финансиско разузнавање. Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување, согласно своите надлежности, треба да изготват и да достават извештаи за работата на Клиниката, стои во соопштението од ЈО.

Се додава дека во дејствијата кои се преземаат во однос на наодите од ревизорскиот извештај на Државниот завод за ревизија во врска со Клиниката за онкологија, јавното обвинителство ќе ги вклучи и ревизорите кои го изготвувале извештајот и ги констатирале состојбите.

За пациенти од земјите кои се лекувале со одредени терапии во Македонија, како и за евентуални сознанија за илегална препродажба на лекови за третман на онколошки пациенти во тие земји, од Обвинителството велат дека ќе побараат податоци од надлежните органи во Косово и Албанија, користејќи ги каналите за меѓународна соработка и размена на информации.

Неформалната група пациенти од Клиниката за онкологија вчера до Основното јавно обвинителство Скопје достави список од тројца директни пациенти и еден близок сродник на пациент на Клиниката кои би биле вклучени и би добиле директен увид во сите докази прибрани во текот на постапката. Во текот на денешниот ден, јавните обвинители ќе ги контактираат тие лица за да ги повикаат во Обвинителството да потпишат изјави за тајност и да ја договорат динамиката на активностите, информираат оттаму.

Наводите за злоупотреба на терапијата за рак на Клиниката за онкологија предизвика низа реакции од сите страни. Надлежните уверуваат дека се прибираат докази и се истражуваат наводите за сторени кривични дела, а граѓаните и пациентите организираат протести пред Влада и пред Јавното обвинителство, барајќи одговорност.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.