Во партнерство со Министерство за труд и социјална политика и Агенцијата за вработување, Општинската Организација на Црвен крст Велес објави оглас за невработени лица за обука за негуватели.

Пријавувањето е до 21 јули во канцелариите на Агенцијата за вработување во Велес и останатите 29 градови во земјава со едноставно пополнување на пријавата, а тримесечната обука ќе започне кон крајот на август. Услов за пријавување на невработените лица е да имаат завршено минимум основно образование.

Како што за МИА појасни Орце Николов, секретар на ООЦК Велес, со овој проект 150 невработените лица од земјава меѓу кои и од Велес, ќе добијат можност за посета на бесплатни тримесечни обуки за негуватели и асистенти, реализирани на локално ниво. Со тоа тие ќе имаат отворена можност за вработување во приватни установи за социјална заштита на стари лица и здруженија на граѓани.

Николов воедно ги повика сите заинтересирани невработени за детални информации за обуката да се јават во просториите на Општинскиот Црвен крст Велес најдоцна до 20 јули.

Инаку, повикот е дел од „Економија на грижа“ – програма во рамките на Оперативниот план на активни мерки и програми за вработување „Шанса за сите 2023“.

Во рамките на програмата „Економија на грижа“ во 2021 и 2022 година, 470 невработени лица од земјава ја поминаа стручната обука, а 212 се вработија во 25 здруженија на граѓани, како даватели на социјални услуги на локално ниво.

Општинскиот Црвен крст Велес во разни програми досега има спроведено две обуки за лична асистенција за лица со попреченост и слепи лица и една обука за негуватели на стари лица, со што за негуватели обучени се вкупно 41 лице.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.