За осум пациенти со цистична фиброза се обезбедени 140 милиони денари за лекот „трикафта“, објави на фејсбук министерот за здравство Беким Сали.

За 8 пациенти со цистична фиброза денес се обезбедија буџетски средства за набавка на лекoт Трикафта. Станува збор за буџетски средства наменети за Клиниката за детски болести, каде сумата од 563.504.040 ден се зголемува на 703.504.040 ден, односно за дополнителни 140.000.000 ден, објави Сали на Фејсбук.

Вчера почина најтешко болниот пациент од цистична фиброза во земјава, Благојче Илиевски.

Во неговата последна изјава, Благојче се надеваше дека е во онаа група од осум пациенти кои се во најтешка здравствена состојба.

Јас верувам дека сум во онаа група од осум пациенти кои сме во најтешка здравствена состојба и дека први би го добиле, но образложението дека процедурата ќе биде подолга додека се случи набавката, некако нè обесхрабри. Од последниот пат кога разговаравме, а тоа беше кон крајот не ноември, јас уште еднаш бев хоспитализиран. Повторно 12 дена на Клиниката за пулмологија, го чистат белодробието oд секретот, но верувајте состојбата не ми се подобрува, и сега ме слушате како едвај дишам, како не можам да искашлам. Ми останува навистина само да се надевам дека ќе дочекам да почнам терапија со „Трикафта“, се вели во последната изјава на Илиевски.

Пациентите од Асоцијацијата за цистична фиброза денеска во 14 часот ќе бидат пред Владата, каде што, како што најавија ќе се збогуваат со еден од своите најактивни членови Благојче Илијевски, како жртва на системот и кој заради инертноста на системот од надлежните институции и заради тромите бирократски процедури, почина прерано, чекајќи го лекот трикафта.

Со кислородна боца Благојче бараше поддршка и од претседателот на државата, Стево Пендаровски. Но, и покрај сите напори, не дочека да добие терапија со лекот „трикафта“.

Во Македонија има 130 лица кои боледуваат од цистична фиброза.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.