Министерот за здравство Фатмир Меџити најави нови вработувања во здравствениот сектор, кои, според него, ќе следат откако другите здравствени установи под капата на Министерството ќе се изјаснат кој кадар им е потребен.

Министерот на денешниот собир на тема „Здравје за сите“, по повод на Светскиот ден на здравјето одржан во Скопје, рече дека во тек се разговори со сите засегнати страни.

Разговараме со сите засегнати страни и со Министерството за финансии, со ФЗОМ и со Владата. Ќе најдеме решение, но прво ни треба стратегија за да направиме програми. Побаравме од сите здравствени институции да ни достават колкави им се потребите и барањата за какви кадровски решенија. Да има и во ова систематизација, за да има функционалност и затоа не можеме толку да брзаме. Нормално знаејќи ја финансиската состојба на државата, нормално дека треба да се адаптираме кон тоа, но ќе има вработувања. Ќе се потрудиме да биде во најбрз рок, рече денеска министерот за здравство Фатмир Меџити.

Запрашан за состојбата на болницата во Битола, по смртта на шестгодишното девојче, Меџити увери дека во здравството „се се одвива по итност“.

Ние сме лекари и точно знаеме што е итност и што е ургенција, барем кај нас сите работи во здравството така се одвиваат. Но јас сум еден месец министер и нормално сите проблематики ќе се потрудиме да ги решиме, посочи министерот.

Проф. д-р Горан Димитров, претседател на Македонското лекарско друштво пак од друга страна истакна дека еден од приоритетите е стимулативна регионализација на здравството.

Дајте да проработат болниците во Штип, Дебар, Струга и Кочани, со жал кажувам дека сега немаме ни царски резови во Кочани кои сме ги имале пред 10 години. Тоа е нашиот приоритет. Втора работа на која треба да поработиме е да промениме некои закони. Заеднички ќе работиме на тоа како што е Законот за додатната дејност на лекарите, кој е многу стимулативен, изјави Димитров.

Во однос покачувањата на платите на здравствените работници министерот за здравство информира дека ветеното ќе биде исполнето за скоро.

Тоа што ветивме деновиве ќе биде и конечниот резултат, од ова ќе излезат сите задоволни но нема да застанеме тука, па ќе ги видиме сите можности финансиски еве излегуваме од економската и постковид кризата и ќе видиме што понатаму здравствените работници секогаш треба да имаат повисоки примања, рече министерот.

Овогодишниот Светскиот ден на здравјето, кој се одбележува под мотото „Здравје за сите, здравје насекаде“, е посветен на подигање на свеста за здравјето на луѓето ширум светот кој се одбележува на 7 април секоја година, под покровителство на Светската здравствена организација (СЗО).

Од Министерството за здравство посочија дека годинава фокусот ќе биде, подигнување на квалитетот на здравствените услуги за пациентите со обезбедување на пристап и можности за секој и секаде, на дигнитетот на здравствените работници, на подобрување на инфраструктурата на постојните објекти, инвестиција во капитални објекти, промена на легислативата, реформа во начинот на здравствено осигурување и на целосна електронска интеграција на сите јавни здравствени установи.

Светската здравствена организација (СЗО) во препораките по повод Светскиот ден на здравјето истакнаа дека одредени земји во светот постигнале значителен напредок кон универзалениот пристап до здравствените услуги, но половина од светското население сè уште нема пристап до основните здравствени услуги.

Милиони луѓе живеат во сиромаштија и немаат да си ги платат основните трошоци за лекување. Повеќе од 800 милиони луѓе,12 отсто од светската популација, даваат 10 отсто од приходите за трошоци за лекување за себе, за болните деца и за другите членови на семејството. За речиси 100 милиони луѓе, овие трошоци се толку високи што ги водат до екстремна сиромаштија, принудувајќи ги да преживеат со само 1,90 долари или помалку дневно, велат од СЗО.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.