Сметаме дека вашето членство во ЕУ има важна и клучна улога за стабилноста на регионот на Западен Балкан и стабилност на цела Европа, порача претседателката на Унгарија, Каталин Новак, за време на официјална посета на Македонија.

Унгарската претседателка Новак на заедничката прес-конференција со претседателот Стево Пендаровски, изрази надеж дека Унгарија ќе може да помогне за забрзување на процесот на зачленување во ЕУ.

Новак, освен членство на Македонија во ЕУ, зборуваше и за војната во војната во Украина, борбата против илегалната миграција за што посочи дека 30 унгарски полицајци вршат служба на македонско-грчката граница, прашањето на демографијата и размена на искуства што Унгарија прави за поддршка на семејствата, како и за размена на културни вредности.

Сметаме дека е баш неправедно што морате да трпите одложувања и свесни сме дека доколку овој процес не може да продолжи онака како што треба, ќе се јави песимизмот во однос на зачленувањето, истакна Новак.

Ние, нагласи Новак, ја осудуваме агресијата на Русија во Украина и стоиме на неповредливост на суверенитетот.

Војната донесе многу проблеми и затоа би сакале што побрзо прекин на огнот и да се најде модел на мир и на тој начин долгорочно да се обезбеди безбедност на Европа, изјави Новак.

Меѓусебната билатералната соработка, Новак оцени дека во последно време добро напредува и изрази надеж дека нејзината посета ќе придонесе за билатералните односи да се развиваат во таа насока.

Претседателот Стево Пендаровски на заедничката прес-конференција со претседателката Новак, порача дека ова е прва, по 20 години од последната официјална посета на унгарски претседател на нашата земја.

Унгарија е една од најгласните и најактивните членки на ЕУ во поддршката на процесот на проширување со земјите од Западен Балкан и земја која одигра значајна улога во одлуката за почеток на пристапните преговори за нашата земја, порача Пендаровски.

На средбата, Пендаровски, посочи дека добил уверување дека поддршката ќе продолжи и дека Унгарија проширувањето го смета за една од најстратешките политики на ЕУ, со политичка и советодавна поддршка ќе продолжи да ги промовира македонските интеграции.

Со Унгарија имаме динамична економска соработка, која е во нагорен тренд. Унгарија е меѓу десетте наши најголеми трговски партнери, со трговска размена во минатата година од речиси половина милијарда евра и континуиран тренд на суфицит на македонска страна, истакна Пендароски.

 

Во рамки на посетата, како што е најавено, Новак и Пендаровски во црквата „Св. Спас“ во Скопје ќе положат венци на гробот на Гоце Делчев.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.