Сега гледаме колку е важно обезбедувањето храна, но граѓаните не треба да се грижат. Имаме доволно количини основни производи, подготвуваме план за поддршка на пролетната сеидба, а резултат ќе дадат и интервентните мерки, рече денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски.
Во гостувањето на „Утрински брифинг“, Николовски потенцира дека максимално одговорно се постапува, се следат состојбите и се реагира навремено.
Храна ќе има. Активно и будно ја следиме состојбата. Граѓаните да не стравуваат и да им веруваат на институциите – порача Николовски.
Според него, предвидувањата во светски рамки покажуваат колку е ситуацијата сериозна, што, пак, е уште една потврда за значењето на земјоделството и производителите.
Министерот уште еднаш кажа дека со Србија е договорен извоз на околу 50 000 тони жито, но на вчерашната средба во Белград станало збор и за увоз на рафинирано и нерафинирано масло.
Не е точно дека не ни треба пченица, работата е сериозна. Генералниот секретар на ФАО ќе ве шокира ако ги слушнете прогнозите за тоа што не очекува и како ќе биде. Тоа е доказ колку внимание и поддршка се потребни за да опстанат земјоделството и производителите. Сакам да потенцирам дека максимално се трудиме да има доволно храна, но и да има доволно домашно производство, како и да бидеме увозно независни. Фокусот на државните аграрните политики кои веќе даваат резултат, е секоја педа земјоделско земјиште да биде обработлива, да биде максимално искористена и да се стави во функција на развојот. На среден рок да се зголемат приносите, а на долг рок да се намали увозот напомена Николовски и додаде дека наредниве денови и официјално српската Влада треба да ја усвои одлуката за подигање на „рампата“ кон Македонија.
Во однос на пласманот, министерот е дециден дека забрани засега нема, ниту има раскинување на договори, но државата, сепак, е максимално ангажирана и на изнаоѓање алтернативни пазари за нашите производи.
Одговорајќи на прашањето дали земјава некогаш ќе може сама да се прехрани, Николовски подвлече дека токму тоа е целта на актуелните земјоделски политики. Во таа насока се, нагласи, и реформите, но „нешто што не било направено 30 години, не може да се промени за само една година“.
Наследивме 350 милиони евра заостанати субвенции. Прв пат по три децении зборуваме за окрупнување на земјоделските површини и за здружување во задруги. Прв пат ќе се менува и моделот на субвенционирање преку воведување авансна исплата, 30 отсто пред почеток на сезоната. Посебно внимание ќе се посвети и на земјоделското земјиште. Не само државното, туку и приватното ќе се става во функција, ќе се дава на оној што сака да го работи. Се работи и на модернизација на инфраструктурата, како и на развој на селата – истакна Николовски.
Негова оценка е дека „ако не се субвенциите, нашето земјоделство ќе пропадне“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.