Во рамки на дводневниот самит на „Отворен Балкан“ кој се одржа во Охрид, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, беше домаќин на министрите за земјоделство на Република Србија и Албанија, Бранислав Недимовиќ и Фрида Крифца.
Делегации на трите држави, предводени од министрите за земјоделство, одржаа работна средба на техничко ниво каде се разговараше за забрзување на процесот за усогласување на ветеринарните сертификати со цел олеснета размена на живи животни и производи од животинско потекло помеѓу трите држави од „Отворен Балкан“. На средбата е договорено дека Агенцијата за храна и ветеринарство во рок од 15 дена треба да направи измени во Правилникот кој го регулира извозот и увоз на живи животни и производи од животинско потекло, со цел непречена трговија помеѓу државите.
Отворен Балкан е симбол на нашата меѓусебна доверба и почит. Преку „Отворен Балкан“ овозможуваме достоинствен живот денес, но и сигурна иднина, за граѓаните на трите држави. Меѓусебната почит и реципроцитет во односите меѓу трите земји, значи заеднички да одиме напред, помагајќи си меѓусебно онаму каде што е најпотребно за секој од нас. Денешните здравствени и економски кризи, со кои се соочени нашите земји, но и светот, се уште една потврда за потребата и продобивките од иницијативата „Отворен Балкан“. Благодарение на успешната соработка, преку оваа иницијатива заеднички, успеавме да обезбедиме стабилно снабдување со основните прехрамбени производи меѓу нашите држави, директно помаѓајќи им на граѓаните, истакна министерот Николовски во своето обраќање.
Преку посветена работа на сите министерства и тимовите во работните групи, од започнувањето на Иницијативата, до денес, направен е голем напредок во делот на соработката меѓу трите држави во областа на земјоделството.
Зелените коридори на граничните премини за земјите од „Отворен Балкан“ веќе функционираат, што претставува големо олеснување за економските оператори. Признати во сите три земји се фитосанитарните сертификати и трговијата со растенија и растителни производи се одвива непречено.
Министерот Николовски упати благодарност до двајцата министри, за соработката помеѓу државите во овие кризни моменти и заедничката посветеност кон полесно надминување на кризата.
Тимовите на министерствата и работните групи од трите држави, продолжуваат посветено, преку разговори да работат на решавање и на отворените прашања меѓу државите дел од „Отворен Балкан“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.