Избор на двајца уставни судии ќе се најде на дневен ред на утрешната собраниска седница. Според потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, ова е незаконска одлука бидејќи расправата за именувањето сѐ уште не е завршена во матичната комисија.

-Морам да кажам дека ова што сакаат да го направат е печат злоупотреба на службена положба и овластување и карта во еден правец за осудителна пресуда за претседателот на Собранието и за претседателката на комисијата за избори и именување, рече Николоски во вечерашното гостување во Сител телевизија.

Николоски нагласи дека власта на дневен ред става избор на двајца уставни судии, во услови кога расправата во рамки на матичната комисија за избори и именување не е завршена и јасно е дека расправата треба да заврши за сите предлози, да се изјасни комисијата кој од тие предлози ќе поддржи, а дури потоа да оди на пленарна седница.

– Ова е невидено во македонскиот парламентаризам и овде не ги штити никаков имунитет. Ние жестоко ќе се спротивставиме, но утре за ова кривично ќе се одговара. Таа точка треба да се избрише целосно затоа што е незаконска. Како и за секое кривично дело ако некој е спремен да го направи го прави, но треба да е спремен за последиците, посочи тој.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.