Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, гостуваше во централниот дневник на ТВ Сител, каде говореше за состојбата на опозицијата, нејзините предизвици и подготовките за локалните избори.
На прашањето како ја оценува активноста на опозицијата, Николоски истакна дека е важно земјата да има силна и конструктивна опозиција, но забележа дека моменталната ситуација е нејасна.
„Мислам дека е здраво да има силна опозиција, но во моментот не можеме точно да дефинираме која е главната опозиција – дали тоа е СДСМ, ДУИ или Левица. На анкетите сите се приближно еднакви, што создава тешкотии во политичката борба. Тешко е да се води битка со непознат противник,“ изјави тој.
Николоски го истакна феноменот на, како што рече, „инкорпорирање“ на фондацијата СОРОС во структурите на СДСМ.
„Во минатото, првиот човек на фондацијата беше член на централниот одбор на СДСМ, а сега тој стана втор човек на партијата. Ова претставува невидено претопување на една фондација во политичка партија, што е проблем за општеството. Јасните граници меѓу партиите, медиумите и невладините организации се губат, а овој спој води кон непринципиелно дејствување,“ посочи Николоски.
Во однос на претстојните локални избори, Николоски рече дека владејачката коалиција ја очекува нов, уште поголем пораз.
„На последните избори, ние го постигнавме историски најголемиот успех, додека СДСМ, иако на власт, претрпе историски најголем пораз. Мислам дека истото ги очекува и на локалните избори,“ додаде тој.
Николоски нагласи дека владината коалиција е подготвена за сите политички предизвици и ќе продолжи да работи за остварување на своите цели. Според него, СДСМ ќе се соочи со уште поголем притисок и предизвици поради губењето на јасниот политички идентитет и принципи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.