Денеска стигна извештајот за корупција и Македонија е рангирана по корупција со Косово Колумбија Етиопија, Гвајана, Мароко, Суринам и Виетнам. Во едно вакво друштво кој нормален ќе ви даде почеток на преговори со ЕУ кога земјите членки се во првите 30 места. Најлошо рангирана е Бугарија, но и таа е далеку пред нас, вели Александар Николоски потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, за „јади бурек“ на Телевизија Сонце при што посочи дека корупцијата е една од причините зошто многу земји членки не сакаат да не видат во исто друштво со нив.

Николоски истакна дека проблемот зошто Македонија не почнува преговори, не е светски заговор или неправда туку затоа што државата не е средена.

Нема функционален систем на владеење на право, нема борба против корупција, државата економски не расте, ниту со странски инвестиции ниту се стимулираат домашните компании, рече Николоски.

Тој посочи дека ако земјите членки се убедени дека Македонија заслужува да биде дел од ЕУ, ќе пуштат дипломатски тешкаш кој ќе изврши влијание во Софија, но поради корупцијата и сите други работи, тоа не се случува.

Добар дел членки се против проширување. Од нивна гледна точка тоа може да изгледа правилно, од друга страна има притисок за проширување по логиката ако ги интегрираме ќе ги менуваме, но контрааргумент на тоа се Романија и Бугарија кои по влезот пропаднаа и се иселија. Затоа некои земји членки сметаат дека не сме спремни, со овој степен на корупција со невладеење на правото, државата нема теорија да стане членка на ЕУ, потенцираше Николоски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.