Никој не треба и не смее да биде над законот, ниту пак Али Ахмети. Не постои ризик за притисоци, уцени и поттикнување на тензии за евентуални нови меѓуетнички тензии. Ќе потсетам дека Македонија е членка на НАТО, природно е секоја партија од позиција да замине во опозиција, нема причина за било каква дестабилизација – уверува претседателот на Демократското движење, Изет Меџити на „Стадион“ на Канал 77.

Тој демантираше дека и воопшто постои наводно писмо за ултиматум меѓу албанските партии, дека услов за идната влада ќе биде отворање на Уставот, Охридскиот договор, како и дека за 6 месеци мора Македонија да влезе во ЕУ.

Меџити рече дека неговата партија и коалицијата денеска и официјално ќе ги почнат преговорите со победничката партија на парламентарните избори, ВМРО – ДПМНЕ.

Како што кажа, пласираните информации во јавноста за можни ресорни позиции во Владата засега се шпекулации, бидејќи оваа тема на маса ќе биде поставена дури во третата фаза од преговорите со лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Во првата фаза од преговорите со ВМРО ДПМНЕ ќе биде програмата на идната влада, а која ќе биде базирана на спроведување на нови реформи во борбата против корупцијата, дискусија околу конечно враќање на правната држава, подобрување на моменталната ниска доверба во судството и обвинителството, создавање на европска држава и пред сѐ водење на политики кон позитивен економски раст и развој во земјава. Морам да кажам дека сè уште не сме барале министерски позиции, досега сите најави пласирани во јавноста се шпекулации, денес нема да разговараме за министри, туку за принципите и програмата на новата Влада – категорично изјави Меџити.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.