Независниот синдикат за образование и НСОН утре излегува на протест, кој ќе започне во 12 часот од Жена парк во Скопје,  по што учесниците во протестот ќе се движат кон зградата на Министерството за образование и наука (МОН).

Пред зградата на МОН организаторите ќе одржат прес конференција, на кој ќе ја запознаат јавноста за проблемите со кои се соочуваат просветните работници.

Барањата на протестот се: НЕ за спојување на наставните предмети; ДА за почитување на колективните договори. Како резултат на недостаток на социјален дијалог, погазување на работничките права, погазување на достоинството на просветните работници, непочитување на законите и колективните договори, членовите на НСОН ќе го искажат своето незадоволство преку јавен протест.

Како што пишува синдикатот во најавата на протестот, наставниците се незадоволни од најавите за спојување на повеќе наставни предмети (Географија, Историја, Хемија, Физика, Биологија, Граѓанско образование, Етика, Информатика, Техничко образование). Ваква појава, како што сметаат може да предизвика губење на дел од работните места, а истовремено го погазува професионалниот интегритет на работниците.

-Незадоволни сме и од непочитувањето на колективните договори во секторот образование. Во моментов најниската плата за најнизок степен на сложеност изнесува 12.000 денари (НЕТО), а сведоци сме дека минималната плата во државата изнесува 20.175 денари (НЕТО). Министерството за образование и наука нема слух ниту волја да ги почитува законите, а паралелно на сето тоа, сведоци сме како јавните функционери ЕКСПРЕСНО ја спроведоа одлуката на уставниот суд и добија покачување за 78 отсто. За јавните функционери законот е закон и тој мора да се почитува, а за просветните работници не важат истите правила, велат од НСОН.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.