Изреволтирани граѓани кои го следеа каналот „Пикбокс“ преку мрежата на „Телеком“ вчера реагираа на социјалните мрежи дека серијата „Валандер“ беше пуштена со бугарски превод, без можност тој да се отстрани или промени.
Од „Телеком“ велат дека веројатно станува збор за немарна грешка, за која сè уште се испитуваат причините.
Македонски Телеком врши реемитување на ТВ канали за кои има договори за соработка со радиодифузерите. Радиодифузерите се целосно одговорни за содржината на каналите, вклучително и нивната локализација на еден или повеќе јазици. Достапноста на одредени јазични верзии на превод за секој од каналите е исклучива одговорност на радиодифузерот. Македонски Телеком врши реемитување на каналите со или без одредени преводи согласно нивната достапност и законските одредби и регулативи во Македонија. Појавувањето на преводи на друг јазик, конкретно бугарски наместо македонски јазик на каналот Pick box е настанат најверојатно поради ненамерна грешка, за што сè уште се испитуваат причините. Веднаш откако беше увидена ваквата состојба, беше реагирано кај радиодифузерот и истиот го корегираше своето работење, велат во одговорот за „Република“.
Од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги објаснуваат дека употребата на титл кај странските сервиси е уредена со Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, односно со член 64 став 2 во кој јасно е дефинирано дека „Доколку програмските сервиси што се реемитуваат преку јавни електронски комуникациски мрежи се титлуваат на јазик различен од јазикот на кој оригинално се произведени, мора да бидат титлувани на македонски јазик, или на јазикот на заедницата која не е во мнозинство, а го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Македонија, освен телешопингот и рекламите“.
Во конкретниот случај со „Пикбокс“, станува збор за програмски сервис за којшто дозвола за емитување издало хрватското регулаторно тело, што значи дека овој сервис, во контекст на погоре цитираниот член од ЗААВМУ може да се реемитува со титл на хрватски, македонски или на јазиците на заедницата која не е во мнозинство, а го зборуваат најмалку 20% од граѓаните, но не и со бугарски титлови.
Агенцијата ќе ја следи состојбата со титлувањето на странските програмски сервиси кои се реемитуваат и писмено ќе се обрати до сите оператори на јавни електронски комуникациски мрежи и ќе им укаже дословно да ја почитуваат ваквата законска одредба, во спротивно ќе следат санкции од страна на регулаторното тело, велат од АВМУ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.