Премиерот Димитар Ковачевски не е убеден дека во јуни ќе добиеме датум за преговори поради бугарската блокада. Тој во интервју за МИА вели дека никогаш не ветувал датум во јуни и оти не сака да се врзува со датуми туку со реални проекти и разговори.

Дали ќе го добиеме датумот до јуни?

– Јас никогаш не сум се врзувал со датуми и од почетокот на мојот мандат не се врзував со датуми туку со реални проекти и со реални разговори коишто треба да се водат прво со ЕУ и со Република Бугарија бидејќи таму имаме дополнителен предизвик со оглед на тоа што минатата бугарска влада стави вето на отпочнувањето на првата меѓувладина конференција. Ние отворивме нов процес на разговори со Бугарија на теми коишто гледаат на иднината од областа на економијата, инфраструктурата, образованието, науката, културата и европските интеграции. Паралелно се водат разговори помеѓу министерствата за надворешни работи за решавање на отворените политички прашања. Едно прашање заради градење на доверба знаете дека беше решено, а тоа е нотата што ја испративме во Обединетите Нации за краткото и долгото име на државата, при што беше потпишан и договорот за прекугранична соработка којшто го немавме поради тоа потпишано со ЕУ и преку кој сега одредени фондови се достапни за прекугранична соработка и градење проекти за организации од двете држави. А на четирите плус едно прашања се работи од страна на МНР на Македонија и Бугарија, се разменуваат идеи. Во моментов не постои документ којшто е усогласен и во моментот кога ќе постои таков усогласен документ, тој ќе биде комунициран со релевантните институции во државата и потоа и со јавноста.

Значи не можете да кажете дали до јуни ќе биде?

– Јас јуни никогаш го немам спомнато и не се врзувам за датуми, затоа што треба да имаме решение кое се заснова прво на европските вредности, а второ до коешто ќе се дојде низ комуникација, а заснован на принцип на меѓусебна почит, прво помеѓу политичарите, второ помеѓу институциите во двете држави и трето на зачувување на достоинството на граѓаните на двете држави. Само такво решение може да претставува добра основа за прво отпочнување на преговорите и второ градење на меѓусебна доверба на две соседни држави коишто треба во светот да претставуваат пример за економска и секаков вид на соработка за напредување на стандардот на граѓаните.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.