Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска изјави дека е потребна и кривична и политичка одговорност во врска со случајот на Клиниката за онкологија за тврдењата за продавање на цитостатици. Тој потенцираше дека од Владата треба веднаш да си дадат неотповиклива оставка и да се излезе на брзи парламентарни избори.

Како човек сум згрозен од тоа што се случува. Сведоци сме на едно криминално-монструозно-мафијашко здружување на неколкумина медицински лица блиски до партиите на власт. Она што згрозува е за да се богатат, за да остварат лична добивка, лековите кои наместо да им бидат дадени на оние на кои им се најпотребни и кои што умираат во болки, тие ги препродавале и пациентите ги оставале на милост и немилост. Тие практично се здружиле за да направат злосторство врз човештвото. На секој човек ова му предизвикува голема мачнина, но ние како ВМРО-ДПМНЕ уште пред две години алармиравме дека ова се случува на таа Клиника, изјави Мицкоски во одговор на прашање, кој денеска беше во посета на Виница.

Тој потенцираше дека Ковачевски треба да одговори зошто системот со кој што се следеле лековите не функционира.

Кој е тој кој што наредил тој систем наместо да биде функционален, да биде ставен во подрум. Зошто оние кои што ќе платат добиваат соодветен медицински третман, а оние кои што за жал не можат да платат, оставени се на милост и немилост и во тешка болка и мака да умираат. Наскоро ќе ги добиеме тие одговори како идна влада која што ќе ја предводи ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата. Никогаш како човек не сум ги политизирал овие работи бидејќи станува збор за човечки судбини и мака која што семејствата ја доживуваат, но не можам да не ве потсетам за кампањи кои во минатото ги правеше СДСМ при што беа злоупотребувани човчеките судбини, додаде Мицкоски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.