Првите две бебиња се родени во првата и втората минута по полноќ. Третото е родено околу 5 часот во ковид-центарот. Сите бебиња и мајки се добри
Кога станува збор за тоа како поминала новогодишната ноќ во другите здравствени установи, на Токсикологија биле примени 17 пациенти, а во Итната медицинска помош имало 50 јавувања, најмногу поради алкохолизирана состојба
Вкупно три бебиња се родите на Клиниката за гинекологија и акушерство (ГАК) во текот на новогодишната ноќ, информираа денеска министерот за здравство Венко Филипче и директорката на Клиниката, Викторија Јовановска.
Првото бебе, како што претходно информираа од ГАК, е машко и се родило една минута по полноќ.
„Првото бебе родено е машко. Четврто во семејството Стошиќ, на Сузана и на Горан. Посакувам да расте здраво, да биде успешно, има 3 килограми и 70 грама и има 50 сантиметри. Родено е во првата минута после полноќ, а во втората уште едно бебе е породено. Ова првото е со спонтано породување, а второто е со цезареа и е женско бебе, 3 килограми и 50 грама. Има исто така 50 сантиметри и е прво бебе на мајката Симона. И тоа посакувам да биде здраво, успешно“,
рече министерот Филипче.
Третото бебе е родено во ковид-центарот затоа што мајката е позитивна на ковид-19. Станува збор за машко бебе кое тежело 2 килограми и 440 грама, а се родило околу 5 часот.
„Сите деца породени после полноќ се добри, вклучувајќи го и тоа бебе што се роди во ковид-центарот. И мајката е добра, спонтано породена и набрзо ќе замине дома“,
рече директорката Јовановска.
Министерот сподели и информации како минала новогодишната ноќ во останатите здравствени установи во Скопје, меѓу кои и на Клиниката за токсикологија каде биле примени 17 пациенти. Околу 50 јавувања имало во Итната медицинска помош.
Во службата за Итна медицинска помош имало околу 50 повици и во најголем број на случаи заради пациенти кои се алкохолизирани, помалку повредени во физичка пресметка и неколку помали и една посериозна сообраќајна несреќа, рече Филипче.
Кога станува збор за ковид-пациентите, на Инфективната клиника се хоспитализирани околу 60 од кои 40-тина се на кислородна поддршка.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.