Министерството за внатрешни работи (МВР) најостро ги демантира лагите изнесени на порталот Макпрес дека за безбедноста во сабота ќе се грижат и бугарски полицајци.

-Станува збор за комплетна дезинформација и извртување на факти, имајќи ги предвид соопштенијата кои деновиве, во пресрет на чествувањето на роденденот на Гоце Делчев ги сподели МВР со јавноста, како и неколкуте медиумски гостувања на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски токму на оваа тема, што за еден новинар, кој без да праша, а притоа пласира небулози криејќи се зад потписот „Администратор“ е недозволиво и срамно, велат од МВР.

Додаваат дека македонската полиција постапува самостојно, по претходно изготвен оперативен план и е подготвена во целост, не само за овој настан, туку за сите настани, не само за оваа пригода, туку за сите пригоди, во било какви услови – да направи сѐ за да ги сочува мирот и стабилноста на државата и граѓаните.

-Со изнесувањето на овие дезинформации, порталот Макпрес ги доведува во заблуда граѓаните на Република Македонија и наместо да помогне во достоинствено одбележување на роденденот на великанот Делчев, што подразбира ангажирано и одговорно пренесување на проверени информации, а не одработување за нечии деструктивни влијанија со пласирање лаги кои имаат за цел само да наштетат не само на работењето на полицијата како гарант на редот, безбедноста и владеењето на законите, туку и на угледот на државата. Оттаму, бараме порталот кој ги изнесе овие лаги да го повлече текстот и да се извини, а текстот со овие дезинформации да го повлечат и останатите портали кои без проверка на фактите го ископираа на своите страни, побараат од ресорот полиција.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.