Новата Влада, предводена од премиерот Христијан Мицкоски, ќе биде силно фокусирана на евроинтеграциите на земјата, изјави денеска новиот министер за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, јави дописникот на МИА од Белград.
Ќе бидеме силно фокусирани на спроведувањето на реформите, рече Муцунски по пристигнувањето на неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ и претставници на регионот на Западен Балкан, што се одржува во Луксембург, соопшти Танјуг.
Муцунски, чиј прв работен ден на оваа функција е денеска, рече дека дошол во Луксембург за да се сретне со министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ и заедно со своите колеги од Западен Балкан да потврди колку е важен процесот на европската интеграција за стабилноста на регионот.
Ќе разговараме со колегите од земјите-членки на Европската унија за тоа што може ЕУ да направи, важноста на Планот за раст за Западен Балкан, кој ќе има сериозни позитивни фискални импликации за Западен Балкан. Веруваме дека ова е еден од форумите преку кои можеме заеднички да го забрзаме напредокот на целиот регион кон полноправно членство во ЕУ, рече Муцунски.
Тој додаде дека Скопје сака да напредува кон полноправно членство во ЕУ врз основа на вредностите и критериумите што ги бара самата ЕУ и рече дека Скопје смета дека процесот на европските интеграции не треба да биде оптоварен со билатерални спорови.
Во Луксембург, во рамките на Советот за надворешни работи на ЕУ, ќе бидат разменети мислења за Западен Балкан, со учество на министрите за надворешни работи на Србија, Албанија, Босна и Херцеговина, Македонија, Црна Гора и на Косово, беше соопштено претходно од Советот на ЕУ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.