Македонска православна црква организира протест под мотото „За нашите деца, за нашата иднина“. Протестот се организира против предлог-Законот за родова еднаквост и измените на Законот за матична евиденција.

Според МПЦ-ОА, овој закон наметнува менување на биолошката и објективна реалност. Тие велат дека постојат само два пола кои не може да се променат.

Да не дозволиме нашите деца да бидат индокринирани дека можат да си го променат својот пол со помош на сомнителни невладини организации и дека наместо мајка и татко имаат родител 1 и родител 2.

Протестот е најавен за 29 јуни, пред Соборниот храм „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје со почеток во 18 часот.

Повикот за протест доби и политичка поддршка. Македонски концепт донесе одлука за целосна поддршка и ги повикаа членовите на партијата масовно да се приклучат.

За таа цел, повикуваме масовно да се приклучат сите наши членови и симпатизери, но и сите граѓани кои посакуваме да живееме во НОРМАЛНА ГРАЃАНСКА ДРЖАВА и ве известуваме дека целокупното раководство на партијата Македонски Концепт, ќе биде присутно на овој протест, се вели во соопштението.

За овие закони беа организирани бројни дебати, со вклученост на голем број заинтересирани страни, координаторите и комисиите за еднакви можности на жените и мажите на локално ниво, претставници на локални здруженија на граѓани како и жени пратенички. Според министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, целта на законот е да се обезбеди остварување на потполна родова еднаквост преку зајакнување на положбата и статусот на жената во општеството, еднаков пристап до ресурси и еднакво учество во донесување на одлуки во сите сфери на општествено живеење .

Лидерите на петте регистрирани верски заедници во земјава: православната црква, исламската заедница, католичката црква, еврејската заедница и евангелско-методистичката црква, во заедничко соопштение неодамна го изразија ставот против предложените измени на законите за личните документи и за родовата еднаквост.

Според нив, неприфатливо е легалното признавање на „родовиот идентитет“ во овие закони, како и збунувачкото разликување меѓу: пол, род и родов идентитет.

Преку нивното донесување, наместо да се заштитат, се отвора можност за дискриминација токму на најранливите ‒ жените и децата! – порачаа тие.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.