Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) не го прифати предлог за покачување на платите на наставниците во износ од 2.500 денари. Овој потег единствено може да се сфати како уцена која загрозува интересите на учениците, родителите и семејствата, сметаат од Министерството за образование и наука (МОН).

Од МОН се убедени дека оваа одлука не го одразува ставот на мнозинстовото наставници кои членуваат во синдикалната организација – СОНК и затоа упатуваат апел до сите наставници, кои водени од желбата да учествуваат во создавањето на ученички генерации и во градењето на иднината на државата да продолжат да работат во интерес на учениците и уште од утре да се вратат на работните места и да ги извршуваат своите работни обврски, овозможувајќи им на младите да продолжат да се надградуваат.

Министерството за образование и наука во неколку наврати изминатиот период апелираше до раководството на СОНК заеднички да ја продолжиме практиката на паралелно извршување на работните задачи и обврски на вработените во училиштата заради непречено одвивање на работата на образовните установи и на преговарање за решавање на прашања кои ги засегаат. Но, овој пат останува нејасно зошто синдикатот реши да оди во друга насока.

Да ги вратиме учениците таму кадешто им е местото. Тоа единствено оди во прилог на идејата за градење на нови генерации, подобри од претходните, велат од МОН.

Според МОН, повисоки плати мора да има и ќе има.

Освен покачувањето за 10%, во план е и развивање на модел за долгорочно поврзување на системот на плати со минималната плата. МОН ќе продолжи и да ја обезбедува можноста за наставниците и стручните соработници да напредуваат во звања – ментор и советник, што исто така значи повисоки месечни примања за секој кој ќе го оствари ова право. Продолжува и унапредувањето на условите за работа преку континуирани инвестиции во образовната инфраструктура и опремувањето на училиштата.

Не треба да постои сомнеж дека грижата за наставниците ќе продолжи и во иднина. Посочуваме дека само во изминатите три години, како резултат на волјата на Владата, колективното договарање резултираше со зголемување на платите во образованието за над 21%. Затоа, да ги вратиме учениците на настава, а решавањето на предизвиците да го препуштиме на социјалниот дијалог. Штрајкот е право, но не и најдобра опција во овој момент и во услови кога постои силна волја за добро решение, се вели во соопштението на МОН.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.