Министерството за образование и наука континуирано вложува во инклузивно образование. Градењето подобар образовен систем значи обезбедување можности секое дете, согласно своите потенцијали, да стекне знаења и вештини што ќе му бидат потребни за да биде релевантен и активен учесник во општествениот живот. За оваа цел, избрани се 118 основни училишта, од сите општини во Република Македонија во кои ќе се изведат реконструктивни зафати за подобрување на пристапноста до и во објектите, како и за подобрување на хигиенско – санитарните услови – информираат од МОН.
Тим на Министерството заедно со стручни лица, врз основ на критериуми поврзани со пополнетоста и искористеноста на капацитететите, извршил увид во состојбата во која се наоѓаат и ги одбрало училишните објекти во кои во следниот период ќе се изградат пристапни рампи, ќе се реновираат санитарните јазли и ќе се изведат посебни тоалети за децата со атипичен развој, а во некои училишта ќе се реновираат и внатрешната столарија и подовите.
Во оваа активност за создавање на училишта без бариери, Министерството за образование и наука има поддршка од Светска банка, во рамки на новата четиригодишна Стратегија на Банката за партнерство со земјата за периодот 2019-2023 година.
Реконструкцијата на училиштата е дел од Проектот за унапредување на основното образование, чија основна цел е да ги подобри условите за учење во основното образование во земјата. Вкупната вредност на проектот изнесува 21,5 милиони евра и истиот се имплементира преку Единица за управување со проектот во рамките на Министерството за образование и наука.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.