Министерството за образование и наука информира дека наставата од деновите на гласањето за изборите, 24 април и 8 мај, како и од 30 ноември 2023 за учениците од Скопје, кога беше организиран Самитот на ОБСЕ, наместо во саботи, ќе се надомести во работни денови.

МОН во допис до медиумите попладнево соопшти дека учебната година нема да биде продолжена и ќе заврши согласно календарот за настава, но во денови од работната недела учениците ќе престојуваат подолго за да го надоместат пропуштеното. За организирањето се задолжени директорите на училиштата.

Дополнувањето на нереализираните наставни часови ќе го планираат и организираат директорите на училиштата и ќе се реализира со подолг престој на учениците во денови од работната недела, во рамки на шестчасовното работно време на наставниците, соопшти МОН.

Министерство за образование и наука потсетува дека наставната година за учениците од средните училишта ќе трае до 10 јуни, а за учениците од основните училишта до 17 јуни.

Потребно е да го зачуваме најдобриот интерес на учениците, а тоа подразбира тие во целост и квалитетно да ја совладаат предвидената наставна материја, наведува МОН.

Училиштата нема да работат утре и на 8 мај, а во оние каде што ќе се спроведува гласањето, поради подготовките денеска работеа со скратени часови.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.