Министерството за образование и наука инсистира државната матура да се одржи на датумите кои се дефинирани во Календарот за организација на учебната 2022-2023 година во јавните средни училишта, односно првиот екстерен испит да се полага на 27 мај, а вториот на 10 јуни.

Претходно, Државниот испитен центар (ДИЦ) на прес-конференција соопшти дека останува во штрајк, а полагањето на државната матура е неизвесно. Синдикатот на ДИЦ и вицепремиерот за економски прашања не постигнале договор на вчерашната средба и тие на денешната прес-конференција објавија дека се повлекуваат од јавни обраќања и одговорите на прашањата во врска со нивното барање за повисоки плати и за полагањето на државната матура ќе треба да се бараат во надлежните институции, пред сѐ во Министерството за финансии.

Апелираме и до раководството на Државниот испитен центар и до членовите на Државниот матурски одбор целосно да се испочитуваат дефинираните рокови, во интерес на матурантите, чие понатамошно образование или вклучување на пазарот на трудот зависи токму од овој процес, како чин на формализација на средното образование и стекнување диплома.

Изразуваме целосно разбирање и даваме поддршка на вработените во Државниот испитен центар за надминување на предизвикот со кој се соочуваат. Правото на синдикално организирање за остварување на одредени права е неспорно, но сепак, тоа не смее да биде на штета на учениците, кои треба да бидат консултирани за било каков нов предлог околу полагањето на државната матура, се вели во соопштението на МОН.

Од МОН велат дека дијалогот помеѓу ДИЦ и Министерството за финансии треба да продолжи до изнаоѓање на конечно решение, но истовремено, неопходно е да продолжат и процесите кои ги засегаат матрантите.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.