Министерството за образование и наука во допис до медиумите информира за прифатените барања на Сојузот на средношколци кои денеска имаа средба со министерот Јетон Шаќири.

Ќе се споделат материјалите за интерните испити и банките со прашања најдоцна четири недели пред интерниот испит со број на прашања трипати поголем од бројот на прашања на испитот, ќе им се препорача на универзитетите првиот екстерен испит да биде соодветен на сите студиски програми, а ќе се препорача и промена на соодносот на поените меѓу екстерните и интерните испити при упис, во корист на интерните. Ова се барањата од Сојузот на средношколци за адаптирање на државната матура коишто беа прифатени од Министерството за образование и наука, а денеска на средба со нив, им беше соопштено од министерот за образование и наука, Јетон Шаќири, наведува МОН.

Поради веќе донесениот Календар за оваа учебна година, наведува МОН, на претставниците на Средношколски сојуз им било појаснето дека не е можно одложување на датумот на првиот екстерен испит, што е едно од барањата на Сојузот.

Оттука, како дополнително и компромисно решение, беше понудено намалување на обемнсота на тестот по мајчиниот јазик преку дополнување на Концепцијата за полагање државна матура, училишна матура и завршен испит во јавното средно образование, соопштува Министертсвото.

МОН го пренесува и ставот на министерот Шаќири дека има согласност со голем дел од барањата на Сојузот за олеснување на процесот на полагање имајќи предвид, како што вели, „на кој начин оваа генерација матуранти ја следеше наставата“.

Токму во таа насока и ќе воведеме олеснување при полагањето на тестот по Мајчин јазик да се намали по обемност, односно да носи од 60 до 80 поени, а не како досега од 80 до 100 поени. Ова подразбира и дека во содржината на тестот ќе има намалување на бројот на прашања поврзани со способноста литература, што како предлог од Сојузот на средношколци беше прифатено, вели Шаќири.

Како особено важно барање од Сојузот на средношколци Шаќири го истакнал барањето за споделување на материјалите за интерните испити и банките со прашања најдоцна четири недели пред денот на испитот, за што на присутните средношколци им посочил дека тоа е прифатено, а бројот на прашања во банките ќе биде трипати поголем од бројот на прашања на испитот, како што и било побарано.

Едно од барањата на учениците околу државната матура – Владата да им препорача на сите универзитети во земјава првиот екстерен предмет – Мајчин јазик (македонски, албански и турски јазик) и литература да го сметаат за соодветен, со што ќе се зголеми неговиот придонес во поените за државната матура, но ќе се покаже дека државата го негува и се грижи за мајчиниот јазик, од страна на Државниот матурски одбор и Министерството за образование и наука е прифатено и за истото министерот Шаќири ќе испрати допис до сите универзитети во државата со препорака на која искрено се надева дека ќе биде позитивно прифатена и имплементирана, наведува МОН.

Приоритет на Владата, според министерот, е организирање на државна матура која ќе биде според сите законски прописи. – Воедно и да ги слушнеме барањата и потребите на матурантите знаејќи дека од државната матура за нив зависи запишувањето во високообразовни установи во државава и во други земји, смета Шаќири.

Со одлуките на МОН и на другите надлежни институции, донесени во интерес на матурантите, беа запознати и претставниците на ОДАС – Организацијата за дијалог и афирмација на средношколците, кои исто така присуствуваа на средба во МОН, наведува Министерство за образование и наука.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.