Министерот за образование и наука Јетон Шаќири на денешната промоција на првите дигитализирани интерактивни учебници за четврто, петто и шесто одделение, истакна дека учебнците се изработени во рамки на првата фаза од процесот на дигитализација на учебниците што Министерството за образование и наука го започна оваа година, а ќе продолжи и во наредните.

Ова не се класичните печатени учебници конвертирани во PDF формат, туку учебници со многу мултимедијални елементи како видеа, фотографии, илустрации, квизови и друга содржина што го прави процесот на стекнување знаења поинтересен за младите, а со тоа и поефективен. Тие се во согласност со наставните програми и националните стандарди за постигањата на учениците во основното образование. Поставени се на посебна, стабилна платформа, nastava.mk и достапни се во секое време и од секое место каде може да се воспостави интернет врска, рече Шаќири.

Во изминатиот период учебниците биле тестирани во повеќе училишта и реакциите на наставниците и на учениците биле позитивни.

Станува збор за учебници по сите предмети од четврто, петто и шесто одделение на сите наставни јазици. Не се одлучивме за дигитализација на учебниците од пониските одделенија. Ги почитуваме педагошките препораки, бидејќи тоа е периодот за развој на однос на децата кон книгата и пишаниот збор. Дигитализацијата на учебниците ќе продолжи и во следните години, односно, како ќе се одобруваат и печатат нови учебници, согласно планот за реформата на основното образование која е во тек, така тие ќе добиваат и квалитетна дигитална верзија со богата мултимедијална содржина“, додаде министерот.

Дигитализираните интерактивни учебници ги изработи издавачката куќа „Тримакс“ која беше избрана преку постапка за јавна набавка и која и навремено ги исполни договорните обврски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.