Македонија останува и во иднина посветена на почитување и заштита на човековите права, вклучително и малцинските, независно за која етничка заедница станува збор, отворена за соработка и дијалог со релевантните механизми за човекови права. Тоа го порача Министерството за надворешни работи откако денеска Комитетот на министри при Советот на Европа, усвои Резолуција за Македонија со која е комплетиран петтиот циклус на редовна евалуација на земјава во однос на спроведувањето на обврските преземени со пристапувањето кон Рамковната конвенција за национални малцинства.

Во процесот на усвојувањето на Резолуцијата, беа поднесените бројни амандмани од друга заинтересирана делегација кои не наидоа на поддршка од мнозинството земји членки на Совет на Европа. Помеѓу останатото, аргументацијата на високото мнозинството претставници е дека ваквите процеси не треба да бидат прекумерно политизирани и билатерализирани, туку треба да се засноваат на духот и принципите на меѓународното право и стандарди, како и објективните наоди на независните експерти кои рефлектираат на реалната состојба. Македонија останува и во иднина посветена на почитување и заштита на човековите права, вклучително и малцинските, независно за која етничка заедница станува збор, и отворена за соработка и дијалог со релевантните механизми за човекови права, стои во соопштението на МНР.

Мониторинг процесот, кој трае определен период и низ кој циклично на пет години поминува секоја земја-договорна страна на Конвенцијата, кулминира со усвојување Резолуција од Комитетот на министри. Резолуцијата, наведуваат од МНР, е базирана врз наодите и препораките на Мислењето на независните експерти на Советодавниот комитет на Рамковната конвенција за национални малцинства, кои меѓу другото, остварија и посета на земјава во ноември 2021 година. Мислењето е објавено на интернет страницата на Совет на Европа во септември минатата година.

Како што претходно објави МИА, во Резолуцијата на Комитетот на министрите на СЕ за спроведувањето на Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства во земјава, меѓу другото, се бара промовирање на интегрирано општество кое се заснова на почит и доверба меѓу различните заедници, а во насока, пред се, да се зголемат напорите за спречување случаи на кршење на човековите права на Ромите од страна на полицијата и да се подобри пристапот на децата Роми до квалитетно образование. Исто така, да се обезбеди Ромите во пракса да имаат пристап до законски гарантираните бесплатни здравствени услуги, а посебно внимание да се посвети на пристапот до услуги и информации за репродуктивното здравје за жените Ромки.

Во усвоената Резолуција никаде не се споменува бугарското малцинство во државава.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.