Нема нови пријави од наши граѓани кои се наоѓаат во Израел и во регионот на Блискиот исток за евентуална евакуација, изјави денеска шефот на димпломатијата Бујар Османи.
Во моментов немаме нови барања. Постојано ја следиме состојбата. Утринава повторно имав разговор со нашиот амбасадор во Израел. Имало некои информации дека во текот на ноќта Израел го има нападнато Иран, меѓутоа се уште не се потврдени и затоа не ве информирав по тоа прашање. Меѓутоа тоа се информациите од утринскиот разговор што го имав со нашиот амбасадор, но немаме барање ниту преку СОС телефонот ниту преку нашата Амбасада за евакуација – рече Османи на новинарско прашање по изјавата во Стопанската комора на Македонија каде беше во рамки на изборните активности како претседателски кандидат.
Тој посочи дека САД денеска има препорака до нивните граѓани да не го напуштаат Тел Авив и главните центри на Израел поради можни напади. Најави дека денеска и нашето МНР ќе упати порака за претпазливост до нашите државјани таму.
Во текот на денот и ние ќе ги информираме нашите граѓани иако постојано сме во комуникација со тие што се таму, вели Османи.
Амбасадата на САД во Израел денеска им порача на своите вработени и нивните семејства да ги ограничат своите движења по извештаите дека Израел извршил одмазднички напад врз цели во Иран.
По нападите од саботата на Иран врз Израел во МНР беше формиран Кризен штаб чија примарна задача е да организира извлекување на македонските државјани од Израел и од поширокиот Блиски Исток доколку за тоа има потреба. На почетокот од седмицата МНР информира дека само еден македонски државјанин побарал да биде евакуиран од Израел по повикот упатен до наши државјани кои во моментов се наоѓаат во таа земја и поширокиот регион на Блискиот.
Се проценува дека околу 50 македонски државјани се наоѓаат во Израел. Кризниот штаб нема конкретна бројка на македонски државјани кои се наоѓаат во околните земји, а единствениот начин да се дојде до тоа е преку нивно пријавување во нашите амбасади. Османи на почетокот од неделава им препорача на нашите граѓани кои се во тој регион да се пријават во Амбасада, да остават телефонски броеви, доколку се влоши ситуацијата да можат да бидат контактирани.
Покрај Амбасадата во Тел Авив на нашите граѓани на располагање им стојат и амбасадите во Каиро, Абу Даби и Катар. Сите државјани кои се наоѓаат во посочениот регион можат да стапат во комуникација со нашата Амбасада во Тел Авив на дежурниот телефон 972 549 267 378 како и СОС дежурните телефони на МНР 075 273 732 и 075 268 376 со цел подготовки за евентуална евакуација.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.