Сакам уште еднаш да испратам порака со предупредување до новата Влада, да ја смени позицијата и да го користи само името Cеверна Македонија во и вон земјата, бидејќи во спротивно, сигурно ќе создадат проблеми и во односите со Грција и во односите со Европа, изјави грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во интервјуто за државната телевизија ЕРТ.

Мицотакис притоа повтори дека без целосно усогласување со Договорот во однос на името, Грција нема да ги ратификува меморандумите и нема да има напредок во ЕУ перспективата на земјава, јави дописничката на МИА од Атина.

Коментирајќи ги изјавите на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, Мицотакис посочи дека станува збор за „изјави на мандатарот за премиер“ и дека ќе ги чекаат официјалните ставови на новата Влада, но потенцираше дека „првите примери на однесувањето се исклучително негативни“.

Во јадрото на Договорот на Преспа се наоѓа смислата на едно име, она што го нарекуваме ерга омнес, името Cеверна Македонија да важи за сите, односно да се користи и во надворешноста и во внатрешноста на земјата. Во прашањето за името има едно јасно уназадување и сакам уште еднаш да испратам порака со предупредување до новата Влада, уште од сега, да ја смени нејзината линија, да ја почитува централната одредба на Договорот од Преспа, да го користи само името Cеверна Македонија во и вон земјата кога станува збор за нашиот северен сосед, а во спротивно, сигурно е дека ќе создадат проблеми, не само во односите со Грција на Cеверна Македонија, туку и во односите на Европа со Cеверна Македонија, рече Мицотакис.

Toj се осврна и на реакциите од ЕУ за употребата на името Македонија од претседателката Сиљановска Давкова на инаугурацијата, откривајќи тој лично интервенирал за да го информира раководството на Европската Унија, а ги посочи и реакциите од САД.

Па така верувам дека ќе има колективен притисок врз раководството на Македонија за да не постои значајно уназадување, рече грчкиот премиер.

Во утринското интервју за ЕРТ, Мицотакис ги повтори и следните чекори на Владата, односно реакцијата на официјална Атина, она што и вчера го порача од митингот во градот Верија, дека нема да се ратификуваат меморандумите и дека ќе има проблеми на патот на земјата кон ЕУ.

Она што сигурно ќе го сториме е дека нема да ги донесеме за ратификација трите меморандуми што произлегуваат од Договорот и сега целосно се оправдува нашата позиција да го задоцниме ратификување. Ние веќе извесно време гледавме што се случуваше во Cеверна Македонија, го слушавме овој националистички пароксизам на ВМРО, знаевме дека ВМРО ќе победи на изборите и сакавме и ние да задржиме некои суштински преговарачки оружја во случај работите да не одат како што се очекува, рече Мицотакис.

Тој ја коментираше и одлуката на СИРИЗА да ги донесе во Парламентот трите меморандуми, велејќи дека е „несфатливо на границите на политичкиот и дипломатскиот апсурдност“, сега да се достават, во моменти кога „Скопје следи целосно различна линија“.

Второто што ќе го направиме, веќе го сторивме, апсолутно јасно да ставиме на знаење дека никаков напредок во овој, би рекол, долг пат на Скопје кон Европа, не може да се постигне. ако не постои апсолутно усогласување со Договорот од Преспа во прашањето со името, истакна грчкиот премиер.

Интервјуто за ЕРТ, во кое Мицотакис говореше за сите актуелни прашања во Грција, започна токму со односите со Македонија и Договорот од Преспа.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.