Додека ја решаваме катастрофата која ја наследивме, се борам и за нови инвестиции, за повисоки пензии и за нови пари за капитални инвестиции во општините и поддршка на домашниот бизнис, порача Христијан Мицкоски во првото обраќање пред народот откако е на чело на владата.
Тоа што ќе се менуваат работите не им одговара на оние кои со децении ја краделе оваа држава, се однесувале како моќници, се заканувале, се богателе на грбот на граѓаните. Не им одговара на сите оние кои научија дека во оваа држава за едни е мајка, за друѓи маќеа. Мора да ставиме ред, бидејќи кога нема систем постои мито и корупција, рече Мицкоски.
Тој потсети на заветот дека Македонија е неговото семејство и дека нема да ја изневери дадената поддршка.
Оние кои ме познаваат, знаат дека сум човек кој се држи до својот збор. А пред вас дадов завет дека оваа држава е моето семејство и дека ќе се грижам за неа како да се грижам за семејството. Дадов завет дека нема да ве разочарам, бидејќи не барав ваша поддршка да продолжиме и како досега – што милуваа нашите претходници да кажат, туку да воспоставиме систем што ќе функционира. Да направиме држава каде нема да има граѓани од прв и втор ред. Да имаме држава каде секој ќе знае дека е заштитен, а не уплашен ако му се закани некој политичар. Ова не смее да биде држава каде ќе има неправди. Ова не смее да биде држава каде ќе има наредени и потчинети поради политичка припадност. Ова ќе биде држава каде ќе се почитува секој оној што е чесен, искрен и вреден, а ќе се казнува секој оној што е корумпиран, и неработник. Да ги вратиме вредностите онаму каде што им е местото – тие кои се огрешиле кон законите да одговараат, работниците да бидат со пристојни плати, младите со шанса за иднина, земјоделците да бидат задоволни, лекарите почитувани… Македонија повторно горда и повторно твоја, рече Мицкоски.
Направени се големи национални предавства. Но, ќе се носиме достоинствено со овие проблеми и ќе градиме принципиелни односи помеѓу рамноправни партнери, а не помеѓу господари и поданици.
Македонија ќе стои гордо, силна и независна. И колку и пати да ме прашаат и во колку и форми да се постави прашањето за Бугарија, одговорот секогаш ќе биде единствен. Ние сме за достоинствено решение, и сакаме решение, но не по цена на нашиот иденитет и по цена на погазено достоинство. Воедно неспорна е нашата заложба за членство во Европската Унија, исто како што е неспорен и нашиот ангажман во исполнување на критериумите. И ова го правиме не за да угодиме на некој однадвор туку да си помогнеме себе си одвнатре, но воедно неодминлива е и забелешката дека овој процес трае предолго, со премногу пречки, сопки и барања кои не секогаш се разумни, а многу повеќе политички. Ние ќе водиме дијалог, но со блага горчина ќе се присетиме дека држави кои направија многу помалку од нас, но и без политички сопки на тој план сега се рамноправни членки. Тој интегративен процес мора да биде двонасочна улица во кој ќе се слуша и нашиот глас. И верувам во решенија диктирани од разумот, а не од силата. Решенија кои ќе создаваат и носат иднина, наместо живот во минатото.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.