Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски говорејќи за ситуацијата со Груевски во интервју за Алсат М истакна дека Груевски сега се прави дека ништо не знае, но има докази за оската со ДУИ и СДС, а воедно е добро и да се проговори за поделените УСБ и документи.

Има некои луѓе и политичари кои секогаш се прават дека се отсутни од времето. И понекогаш се обидуваат поради својата голема фрустрација и самобендисаност да ги навредуваат останатите и тоа го прават на примитивен начин. Тоа што имав да го кажам за оската Али Ахмети, делови од структурата на СДС и Никола Груевски го кажав јасно и гласно. Кажав кои се причините зошто тоа го кажувам, изјави Мицкоски.

Мицкоски потенцираше дека тоа што го објавил се должи на една голема анализа, информации и многу докази кои веќе неколку месеци пристигнуваат и до него и до ВМРО-ДПМНЕ.

Суштината е што е тоа што го натерало Груевски да оди на тие тајни средби во минатото и што е тоа што го натерало да влезе и биде дел од оваа оска која ја предводи Али Ахмети, структура од СДС и Никола Груевски. Што е тоа кое денеска толку го фрустрира и мора ги пишува тие статуси со многу омраза и гнев? Мојата порака е нека е жив и здрав и втората моја порака е „не им правете на луѓето тоа што не скаате луѓето вас да ви прават“, рече Мицкоски.

Мицкоски додаде дека кога сме кај доказите, напишал во неговиот единствен статус за писанијата на Груевски, а тоа е дека ќе дојде денот кога очи во очи ќе се гледаат и ќе зборуваат и за доказите и за се што се случуваше изминатите години.

Кога зборувам за тајни средби го кажувам тоа што го кажа претседателот на ДУИ, Али Ахмети кој самиот кажа дека имале многу тајни средби со Никола Груевски и Зоран Заев. Потоа потрчаа двајцата да кажат дека не било така, а од ДУИ кажаа дека тоа не биле тајни средби туку средби за Пржинскиот процес, но не се сеќавам дека тогаш се разговараше за членот 353 став 5 или за останатите членови или за измените во Кривичниот законик. Можеби треба да им се освежи меморијата и за пликоата кои ги добиваа со едно УСБ и Али Ахмети и Талат Џафери во 2022 година пролетта, што имаше во тоа УСБ и кои беа документите кои беа дел од тоа, нагласи Мицкоски.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.