Не е тајна дека во Македонија судии и обвинители се поставуваат ако добијат партиска препорака, препорака од неколкумина во партиите, се знае кој е задолжен во СДС, а кој кај ДУИ. Можам на ливче да ви ги напишам именувањата на оние кои во иднина ќе бидат обвинители и судии, од прв до последен и да ви кажам кој ја дава препораката за нив. Која општинска организација или кој општински огранок на ДУИ и кои двајца луѓе ќе дадат за тие да бидат обвинители или суди, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски при посетата на општина Гази Баба, одговарајќи на новинарско прашање за случувањата во Судски совет.
Мицкоски посочи дека и затоа не е чудно тоа што се случува и затоа државата е таму каде што е, односно нема владеење на правото, криминалците за жал се лица кои имаат угледен имиџ, поради тоа што се чувствуваат семоќни, односно криминалот е неказнет.
Денеска да се биде криминалец во Македонија е многу позначајно отколку да се биде доктор, професор, работник, земјоделец, затоа што тие се штитени од страна на судиите и обвинителите кои се поставени по партиски налог, но и од самите политичари, истакна Мицкоски.
Мицкоски потенцираше дека идната влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе има тешка задача да ги удри во корен ваквите случувања за да не може повеќе криминалците да бидат заштитени.
Кога ќе го удриме во корен тогаш ќе биде вратена надежта и тогаш на Македонија ќе и тргне. Во спротивно ќе имаме криминалци кои царуваат низ улиците во Македонија, политичари кои ги штитат и судии и обвинители кои ги амнестираат, изјави Мицкоски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.