-Пред мене ја гледам европската енергија која ќе ги движи процесите во наредните децении, и која ќе продолжи да ја гради Европа на темелите на која е поставена, темели на демократијата, европските вредности и традиции, но и просперитетот на кого само небото може да му биде лимит, истакна во своето обраќање претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на Генералното Собрание на подмладокот на Европската Народна Партија – „Обединувајќи ја иднината, новата генерација и Западниот Балкан.
во продолжение интегрален текст од обраќањето на Мицкоски
-Велат на младите останува иднината, а иднината доаѓа секогаш многу брзо и затоа ние како европски народни партии мораме да работиме посветено да ја направиме симбиозата помеѓу искуството и животната сила која вие младите ја имате, за да ја обезбедиме таа иднина на Европа. Тоа најдобро може да се направи помеѓу ваквите соработки, споделувања на идеи и градење на мостови помеѓу младите од европските земји. Мудроста и знаењето се мултиплицираат кога ќе се споделат, кога ќе го поминат тестот на критиката, кога ќе се надополнат и надградат и потоа се стават во функција на подоброто утре. Тоа е суштината на хуманизмот и држава на благостостојба. Не верувам во утопии, но верувам дека секој слободен човек треба да се стреми кон совршенство, бидејќи тоа е движечка сила кон подобро, која ги надминува проблемите и кој секогаш создава додадена вредност.
Знам дека повеќето од вас, кои доаѓате од различни земји имате различни приоритети и различни проблеми кои сакате да ги менувате и надминувате, но ова кое што го говорев е суштината на секоја ваша визија- да изградиме подобро утре за себе и за својот народ. Тоа е лидерството.
Светот е динамичен. Светот стана глобален и случувањето во еден негов корнер се одразува во сите останати. Така е и во Европа. Предизвиците колку и да ни се разликуваат, сепак ни се слични и не поврзуваат, но и не обврзуваат заедно да ги решаваме. Од скандинавија до медитеранот, од Атлантикот па до црното море, не се разликуваме толку колку што мислиме бидејќи има толку многу работи кои не поврзуваат. Денес предизвикот на еден млад човек во Европа е како да обезбеди квалитетно образование, како да може да патува и да остварува контакти со своите врсници по целиот континент, како поуспешно да партиципира во пазарот на труд, како да обезбеди подобар живот за себе, како да овозможи побезбедна иднина, како да има поголема слобода, како да ужива повеќе во својот живот кој носи права, но и обврски кон себе но и кон заедницата во која припаѓаме. Да, секој од нас е индивидуа, но природата не направила и предодредила да бидеме дел од пошироки или потесни заедници, за да можеме еден со друг да си бидеме потпора и поддршка. Вие како идни лидери на Европа тоа мора да го градите, бидејќи еден дом не може да се крепи ако еден од столбовите е разнишан, било да е тој столб во Германија, Франција, Италија, Шпанија, Скандинавија, или тука на Балканот, Македонија, Хрватска, Словенија или било која друга земја.
Сите вие сте им потребни на вашите земји. Вие младите сте темелот на развојот на вашата земја и секој лидер треба ден и ноќ да работи да го задржи тој темел во својата земја. Вие сте и демографска, и социјална и политичка иднина на вашите земји. Кај нас има една изрека, и таа многу често ја повторува мојот татко, дека каменот си тежи најмногу на своето место. Исто е и за човекот. Таму каде што се родил, израснал, таму му е најдраго и таму му е најширокото поле каде што може да придонесува. Како млад човек имав можност да се дообразувам да работам и да собирам искуства ширум Европа, но токму дома, во Македонија сметав и сметам дека тоа најдобро можам да го реализирам. Не би сакал да обременувам, но еден од клучните проблеми со кои се соочуваме голем дел од европските земји е исселувањето на младите и нивното концентрирање во неколку од европските земји. Тоа пред се е вина на нас политичарите, кои не направивме доволно да обезбедиме услови за нивен просперитетен живот тука, но тоа сериозно го нарушува балансот на нашиот континент, кој сериозно се празни во некои делови, на сметка на концентрација во други. Пак ќе ја направам паралелата со една куќа. Ако се разнишани повеќето од столбовите , една куќа каква што е Европа не може да се држи само еден или два столба. Вие како млади и идни лидери, преку разменување на идеи и знаење, можете да го поправите тоа, да ги поправите грешките на генерациите политичари пред вас. Она што значи посветена работа, инклузија на младиот човек во донесувањето на одлуките и голем патриотизам, може да ги промени парадигмите кои сега постојат.
Вашиот светоглед, треба да биде слушнат и да се земе предвид кога ќе се градат политиките, затоа што така ќе се обезбеди континуитет на процесите. Никој не смее да ги игнорира младите, бидејќи ако денес ги игнорираш, утре коренито ќе треба ад се менуваат работите, а тоа одзема време и средства. Ние на Балканот тоа добро сме го искусиле и мора да бидеме внимателни затоа што капацитетите и просторот ни се се помали и помали, за да учиме одново и одново од сопствените грешки. Тука на Балканот пред три децении искусивме што значи ужасот на војната и ретроградните сили кои преку оружје и прецртување на граници, предизвикаа несогледливи последици кои не вратија наназад и оставија лузни кои уште зараснуваат. Никому и никаде тоа да не се повтори, затоа што тоа значат изгубени години, нечии изгубени младости, но пред се изгубени можности. Сонот за Европа е сон на еден континент без граници, сон на безбедност, мир и стабилност. Тоа се предусловите за творење и создавање кои пак ќе овозможат подобар живот. Довербата мора да се изгради и да се негува бидејќи таа е гаранција за мирот, а мирот е гаранција за просперитетот. Взаемното почитување и уважување е гаранција за соработката, а соработката е гаранција за успехот.
Вие младите сте мудри и учете од нашите грешки, менувајте ги работите на подобро и не дозволувајте ништо да ве одврати од сонот кој што го имате. Успехот на вашиот сон ќе инспирира и други, ќе помогне на тие околу вас и тие да успеат. Успешен и среќен човек е кога ќе направи и другите околу него да бидат успешни и среќни. Така е и со земјите. Имате неповторлива шанса да изградите соработка, да изградите контакти, да изградите пријателства, затоа што тоа ќе бидат мостови и дај боже ако утре бидете врвни политичари соработка помеѓу вашите земји. Така ќе ја градиме Европа на просперитетот и благосостојбата.
Да не должам, ви посакувам успешна и плодотворна работа со многу споделени искуства и ставови, но и визии за заедничкиот напредок, го завршува своето обраќање Мицкоски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.