Денес се одбележува најголемиот светилник на постоењето на македонската држава, финалниот чин по повеќестолетната борба за слобода и независност или што би се рекло денот над деновите – 8 Септември, празникот на нашата независност, напиша на Фејсбук претседателот на македонската влада, Христијан Мицкоски.

На овој ден за прв пат се слушнаа зборовите „Да ви ја честитам суверена и слободна Република Македонија” на плоштадот Македонија каде се прославуваше независноста. Воедно да не заборавиме дека 8 септември е стремежот на илјадници претходно борци за слободна и своја држава. Тогаш се градеа темелите на Републиката и создаваа институции, но и денес имаме битки кои мора да ги победиме, заеднички, поинакви, иако поинакви сепак подеднакво важни.

Мора да се победи разочарувањето кое ни го оставија и криминалот и корупцијата кои денес се најважните проблеми против кои се бориме. Секој атом од силите да го вложиме во градба на иднина каква заслужува секој еден човек. Овој пат државата е на потег и нејзе ја враќаме на народот.

Да создадеме земја на среќни граѓани и силна економија. Општество кое ќе одговара на реалните потреби и ќе нуди реални решенија. Да си ги зачуваме луѓето овде во нашата татковина.

Оваа генерација има обврска да ги исправи грешките и да создаде иднина за сите наредни. Ова е нашата заедничка битка и заедно се бориме и заедно ќе успееме!

Нека е честит и вековит денот на независноста.

Бог да ја благослови Македонија!, се вели во честитката на премиерот Мицкоски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.