Примарната цел на овој Конгрес е да се избере носителот на листата кој ќе ги предводи идните пратеници во Европскиот парламент од редовите на Европската народна партија. Единствен кандидат е актуелниот претседател на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски кој заедно со кандидатот за претседател, Гордана Силјановска Давкова, потпретседателите на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски и Тимчо Муцунски, секретарот за меѓународна соработка, Стефан Андоновски се во дводневна посета на Букурешт каде присуствуваат на Конгрес на Европската народна партија(ЕПП) кој се одржува денес и утре.
Очекуваме веќе во текот на утрешниот ден нејзината кандидатура да биде изгласана од страна на делегатите и да биде успешен Конгрес од кој ќе се упатат многу пораки за единство за она кое е предизвик на 21, век осуда на политики кои значат разединување. И нормално ние како ВМРО-ДПМНЕ овде имаме наша позиција поврзана со реалните политики кои се поврзани со Македонија и интеграција на Македонија во ЕУ, кажа Мицкоски.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ информираше дека во текот на овој настан се предвидени многу билатерални средби.
Би издвоил некои од билатералните средби, како со премиерите на Хрватска, Андреј Пленковиќ и на Србија, Ана Брнабиќ, тука се средбите и со двајца потпретседатели на Европската народна партија, Мекалистер и Хан и уште некои билатерални средби. Утре претседателскиот кандидат Гордана Силјановска Давкова ќе се сретне со претседателката на Унија на жени на Европската народна партија“, изјави Мицкоски.
Мицкоски посочи дека ова е голема можност да ги прошириме полињата на соработка со сестринските партии, посебно и во државите во кои тие се влада.
Целта ни е да работиме на зголемување на економскиот потенцијал на Македонија како држава, а главен приоритет е зголемување на стандардот на граѓаните“, заклучи Мицкоски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.