Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски во своето гостување во „Само интервју“ на „Канал 5“ телевизија, говорејќи за преговорите со Бугарија, истакна дека во истите не се влегува само за да се учествува, туку треба да се избориме за успех, при што потенцираше дека Гоце Делчев за него е титан на македонската борба.

„Не сум во оваа приказна само за да учествуваме, туку да завршиме со успех. Тоа е суштината на целиот овој процес. Не е суштината да го смениме Уставот до следната пречка за 6 месеци. Не е тоа со мандат „од – до“, туку процес кој трае, не е процес кој сега ќе почне и следната недела ќе заврши“, рече премиерот Мицкоски.

Премиерот Мицкоски посочи дека ако се сака, се има и начин за да нема билатерализација на целиот процес и да нема повеќе никакви пречки.

„Нека биде Европска Унија арбитер, претседавачот со ЕУ не кани во Будимпешта да ги решиме однапред сите прашања, да не биде етапно, туку сите и да нема повеќе пречки понатаму и да нема билатеризација на овој процес. Веднаш да почнеме“, рече Мицкоски.

Премиерот Мицкоски говорејќи за Гоце Делчев истакна дека е титанот на македонската борба и треба да се вкрстат аргументите за да се види какво е неговото значење за македонскиот народ.

„Гоце Делчев за мене е македонски деец и историска фигура, титан на македонштината, за нив можеби е друго. Нека кажат колку песни, имиња, приказни има Гоце, а да видиме колку има кај нас. Да видиме кој навистина бил Гоце Делчев. Мудроста на народот е неприкосновена“, изјави Мицкоски.

Мицкоски нагласи дека мора да бидеме добри соседи, но барањата треба да се објективни, а не билатерални, и ако континуирано едни со други се напаѓаме со аргументи од среден век, тогаш нема да излеземе од ова мочуриште.

„Мораме сега да ги решиме. Ако имаме објективни пречки, тоа може да не направи подобри. Но, субјективните проблеми билатерализацијата е проблем“, дециден е премиерот Мицкоски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.