Денес на 7. Македонски енергетски форум (МЕФ), мандатарот Христијан Мицкоски порача „можеби сме мали, но сме многу важни во овој дел од светот не само од аспект на струјата и прекуграничните трансакции. Треба да се земе предвид реалноста и да не се потцени овој мал, кревок пазар“.

Мицкоски вели дека енергетската ефикасност ќе биде приоритет на идната влада, но и дека завршувањето на грчко-македонскиот гасовод нема да ја комплетира сликата без дополнителни интерконектори кон централна и централно-источна Европа.

Според Мицкоски, паралелно со енергетската транзиција, земјава ќе мора да ги имаме предвид и социјалните аспекти, а ќе мора да се грижи и за загревањето, зашто и загадувањето треба да биде меѓу клучните приоритети.

Можеби сме мали, меѓутоа сме важни кога станува збор за припојувањето со соседните земји и пазари, па често велам дека многу важен дел сме во однос на енергетската мрежа во овој дел во светот. Нашиот најголем приоритет во иднина ќе биде да ги балансираме енергетското тргување, од една страна, зашто тековно сме земја која увезува и да креираме одржливи решенија, од друга страна, да го реорганизираме нашиот пазар на електрична енергија па наместо да увезуваме, да извезуваме струија. Тоа ќе го избалансира нашето портфолио и ќе придонесе за раст на домашниот производ и за поддршка на економијата – рече Мицкоски.

Пред него се обрати американската амбасадорка во земјава Анџела Агелер, со порака дека енергетската сигурност и зелената енергија се двата приоритета кои треба да ги надминат партиските политики. Таа оцени и дека земјава треба да го заврши грчко-македонскиот гасовод кој ќе ги елиминира, како што рече, зависноста од Русија и заканите на одредени прекини во снабдувањето.

Со интерконекторот Македонија ќе може да гради централи со погон на гас и да ја олесни транзицијата од јаглен кон други извори, потенцира Агелер, потсетувајќи дека земјава ја има поддршката од САД за спроведување на зелената транзиција.

Учесниците на Форумот ќе ги отворат прашањата за воспоставување енергетска сигурност и безбедност во регионот, за трансформација на енергетската инфраструктура, за еколошка одржливост, за примената на технологијата и иновациите, како и за финансирањето на реформите кон зелена транзиција.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.