На маргините на настанот на Европската политичка заедница во Будимпешта, премиерот Христијан Мицкоски оствари, како што ја оценува, продуктивна средба со францускиот претседател, Емануел Макрон.

Отворено разговаравме за одблокирање на патот на Македонија кон Европската Унија. Оптимист сум за нашата иднина, се бориме за нашите аргументи и вистината која е незаобиколива.
Ќе дадеме се од себе да ги зачуваме државните и националните интереси, порача Мицкоски.

Мицкоски од Будимпешта, каде беше придружуван од министерот за надворешни работи и трговија Тимчо Муцунски, министерот за евроинтеграции Орхан Муртезани и претставници од неговиот кабинет, сподели дека на самитот на Европската политичка заедница имаше доста продуктивни работни средби со европските државници.

Во текот на денот имавме многу билатерални средби, ги презентиравме нашите аргументи, како ја гледаме нашата економска иднина и начинот на којшто планираме да ја развиваме нашата Македонија и воедно да ги презентираме нашите погледи и аргументи за евроинтегративниот пат. Со секоја средба сè повеќе и повеќе се бориме за вистината онаква каква што е, онаа вистина што ја чувствуваат нашите граѓани и којашто е важна за Македонија. Ќе продолжиме да се бориме за Македонија и во неделите, месеците, годините којшто следат. Мора да успееме, мора да бидеме таму каде што заслужуваме, а тоа е успешна европска приказна, а местото наше е во рамките на Европската унија. После овој состанок на ЕПП овде во Будимпешта сум уште повеќе оптимист дека мора да нè биде и ќе нè биде. Тоа што е важно е дека ние ќе дадеме сè од себе да ги одбраниме националните интереси на македонските граѓани и на нашата татковина, порача Мицкоски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.