Во мое лично име и во име на ВМРО-ДПМНЕ на сите граѓани на Република Македонија им го честитам денешниот празник Денот на сесловенските просветители светите браќа Кирил и Методиј. Светите Кирил и Методиј со своето дело ја задолжија не само сесловенската, туку и европската и светската култура и на тој начин со златни букви се запишаа во историјата и националната меморија на целиот словенски род, стои во честитка од претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, по повод 24 Мај – Денот на сесловенските просветители Светите Кирил и Методиј

Во неа се додава:

Нивната посветеност е пример дека ниедна цел не може да остане недостижна, доколку силно се вложиш и макотрпно работиш. Со својата просветителска работа, преведувањето на мноштво книги на старословенски, но пред се создавањето на глаголицата како словенска азбука, тие станаа факелот кој го осветли патот на милиони Словени и на тој начин ги спаси од асимилацијата која тријазичната ерес сакаше да им ја наметне.

Нашата гордост како Македонци е дотолку поголема, што нивниот темел на старословенскиот јазик како основа на нивната дејност, беше говорот на македонските Словени од околината на Солун. Македонскиот јазичен извор ја напои жедта на целиот словенски род и на тој начин ги спаси од одродување.

Нам, како генерација ни преостанува да го чуваме нивното дело и да бидеме горди на нивната работа која повеќе од еден милениум живее како тука во Македонија, така и речиси во половина Европа.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.