Енергетиката е геостратегиско прашање. РЕК Битола нема да се затвори, имаме план за нејзина модернизација, а сериозно ќе се позанимаваме и со проектот „Чебрен“, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на јавната дебата „Концепт за инвестиции во енергетиката“ што денеска се одржа во Битола.

Според Мицкоски, термоелектраните Битола, односно РЕК Битола вклучувајќи го и рудникот како дел од неа, се значајни, но, како што рече, откако дошла Владата на СДСМ и ДУИ се помалку се ископува јаглен од рудникот, а се увезува јаглен со сомнителен квалитет.

– Тоа е набавка на увозен јаглен за една година од близу 100 милиони евра или попрецизно 5 милијарди и 950 милиони денари и таа сума треба да ја добијат неколку фирми кои ни се познати за увоз на јаглен со сомнителен квалитет, а од информациите кои се добиваат е полн со сулфур и тој сулфур ќе ги труе Битола и битолчани и граѓаните од регионот како општините Новаци и Могила. Покрај овој голем тендер има уште еден рекорден епски, кој трае 18 месеци и тоа е од околу 2 милијарди и 400 милиони денари односно околу 40 милиони евра плус ДДВ што значи околу 46-47 милиони евра кои ги доби позната компанија, а ние како партија имавме многу прес конференции за овој епски криминал. Веќе има 150 милиони евра тендери кои треба да бидат завршени пред изборите за кои постои сомнение дека се исплаќаат авансни провизии во вредност од 20 проценти и постои основано сомнение дека првите 10 проценти ќе се исплатат сега, а вторите во мај-јуни кога оваа влада на СДСМ и ДУИ ќе замине, рече Мицкоски.

И порача на надлежните да ги откажат овие набавки и во следните три ипол месеци пристојно да го водат РЕК Битола.

Посочи дека РЕК Битола нема да се затвори и дека имаат план за нејзина модернизација, односно имаат начин како да продолжи да работи се додека има ресурс за производство на електрична енергија, но исто така посочи и како ќе се пристапи кон проектот Чебрен.

– Убеден сум дека уште еден таков резервоар за вода на Македонија како држава ќе и биде многу важен и затоа кон овој проект треба да гледаме можеби за еден век од денес. Тоа е проект за иднината не само за Македонија како држава, туку и за иднината на идните генерации кои се неродени, бидејќи тој проект нема само енергетско значење, туку може да има социоекономско и да има огромно значење во земјоделието бидејќи системот кој понатаму каскадно ќе следи практично служи за наводнување на десетици илјади хектари земјоделска површина. Така што овој проект е мултифункционален и треба така и да се гледа, но за да дојдеме до сериозна и сигурна реализација на овој проект, ни треба сериозна анализа, рече Мицкоски.

На јавната дебата во Битола се обратија и професорот Константин Димитров, кој посочи дека итно е потребна изградба на две когеративни постројки на природен гас во Комбинатот. Претседателката на партиската комисија за енергетика Елена Маркова Велинова најави проширување на топлификациската мрежа во Скопје и сериозен пристап кон топлификацијата на Битола, а Сања Божиновска, членка на ИК на ВМРО ДПМНЕ, најави основање на Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини.

Потпретседателката на ВМРО ДПМНЕ Гордана Димитриеска Кочоска најави преиспитување на, како што рече, криминалните тендери.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.