Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска изјави дека доколку законот за амнестија се носи по скатена постапка и со злоупотреба на европско знаменце, ќе побара од највисоките тела на партијата поддршка за одлуката пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата да ја напуштат работата на Парламентот.

ВМРО-ДПМНЕ нема да го поддржи Законот за амнестија и за него бидејќи нема европско знаменце ќе мора да се дисктутира по стандардна процедура и тогаш отворено кажуваме дека ќе го блокираме. А, ако решат да ги злоупотребат своите овластувања, како што тоа го направиле многу пати досега и повторно злоупотребат скратена процедура и европско знаменце, тогаш ќе побарам од ИК и ЦК на партијата поддршка за одлуката пратениците на ВМРО ДПМНЕ и коалицијата да ја напуштат работата на Парламентот, порача денеска од Струмица Мицкоски.

Во обраќањето на Втората годишна конференција на Унија на ветерани на партијата насловена „Традиција која обврзува за иднина која доаѓа“ тој рече дека сега пред избори власта со Законот за амнестија прави сценарио за слобода на голем број криминалци кои ќе им помогнеле во изборната кампања.

Ковачевски плаќа висока цена за својата коалиција и силно го деградира нашето општество каде принципот на неказнивост стапува на сила. Криминалците не се плашат од одговорност, затоа што самата Влада продуцира неодговорност. Од друга страна, со мирна совест излегуваат и си велат дека следеле европски практики. Никаде во Европа нема терористи да ви убијат пет луѓе, од кои четири деца како што е случајот со Смилковското Езеро и сега нивните џелати ќе ги пуштат на слобода со законот за амнестија, рече Мицкоски.

Оддавајќи им почит на секој член на Унијата на ветерани на ВМРО – ДПМНЕ, рече дека партијата има бурна историја полна со емоции, различни гледишта и дека произлегувале партии и фракции во минатото, но сите подоцна се враќале и повика на обединување.

Луѓето од власта се свесни дека ќе им се случи народ и ќе им се случи тежок пораз и единствено им преостанаа византиските игри. Па, така пред некој ден се состанале Ковачевски, Зечевиќ, Заев и Спасовски. Се состанале за да прикажат дека се единствени и сплотени. Од тоа што се прави ја покажува, всушност, спротивната теза дека се длабоко поделени и раскарани. И добро е што се сретнале затоа што така пропадна уште една теза на одредени кругови на власта, па и на оние нивни лакеи во опозицијата дека имало каква било тајна коалиција меѓу ВМРО – ДПМНЕ и Заев, посочи Мицкоски.

Додаде дека упатува порака до Меѓународната заедница за да види што прави оваа Влада, бидејќи државата не постои само за едно прашање-уставните измени, додека многу други теми и прашања важни за народот поминуваат без коментар од нејзината страна.

Многу е ова важно затоа што многумина во македонското општество ова го потценуваат и многумина денеска се обидуваат да ни кажат дека ако не го прифатите диктатот во кој не сме ни биле учесници, тогаш за нас нема Европа. Навистина жалам што повторно по којзнае кој пат Европа е доведена во заблуда од страна на криминални политичари во Македонија и на Балканот исполнувајќи ги бугарските интереси за жал е заложник на руската политика на Балканот. Македонија и ВМРО-ДПМНЕ отсекогаш во историјата биле и се стремеле и имале прозападна ориентација. Немало дилема од самото формирање до ден денешен, потенцираше Мицкоски.

Според него, ВМРО-ДПМНЕ, која е наследник на историското ВМРО, е пред прагот повторно да го обедини македонскиот народ и граѓаните во Македонија на следните парламентарни избори за историска рекордна победа.

Имајќи го сето ова предвид мојата порака денеска од овде е не за диктати кои се носат помеѓу корумпирани политичари и тесна група на луѓе. ВМРО-ДПМНЕ било, е и ќе остане прозападна политичка партија. ВМРО-ДПМНЕ не е ниту пробугарско, просрпско, прогрчко, ВМРО-ДПМНЕ е демократска партија за македонско национално единство и е промакедонско, било и ќе биде. А мојата порака до меѓународната заедница е да не дозволите уште еднаш да бидете заложници на руските интереси удоволувајќи и на Бугарија за повторно да се обиде да го асимилира Македонецот. ВМРО-ДПМНЕ додека јас сум претседател и додека сум, жив нема никогаш да поддржи ваков бугарски диктат како што сега е ставен во парламентот, подвлече лидерот на ВМРО ДПМНЕ.

На годинашната конференција на Унија на ветерани на партијата се обратија и претседавачот Мане Јаковлевски и генералниот секретар Сашо Дранго, кои ја искажаа поддршката на претседателот Мицкоски и раководството на партијата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.