Ние како ВМРО-ДПМНЕ најавуваме децентрализација и средства да одат директно во општините и без разлика кој е на централна или локална власт граѓаните ќе бидат задоволни, општините ќе инвестираат во подобри услови за живот, рече Владо Мисајловски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ на гостување во емисијата За или против што се емитува на телевизија Алфа.

Говорејќи за тоа како постапуваат сериозни политичари и сериозна држава, Мисајловски укажа дека основно е и дека ако било кој се огрешил пред законот и сторил коруптивно или криминално дело треба да одговара пред законот.

Секој што огрешил треба да одговара и за тоа не треба црна листа на друга држава. Сакам да ги видам македонските институции да реагираат, да отвораат постапки. Сакам да видам јавен обвинител кој ќе постапува по сите неправилности, а не кој ќе е во скут на СДС и ДУИ. А што имаше во Македонија? Се издаваа пасоши на криминалци, се донесе Кривичен закон за да не можат да одговараат лица од оваа власт. Но, ВМРО-ДПМНЕ ќе најде начин да одговараат сите кои сториле против законски дела – рече Мисајловски.

Според него, власта само бега од одговорност.

Го слушаме министерот за внатрешни Оливер Спасовски како вели дека вината зошто не се гонат сторителите на корупција и криминал не е до МВР. Спасовски вели вината било до правосудните органи, па лицата поставени во обвинителство и судство се нивни. Тие си поигруваат и затоа довербата е 2 проценти во овие институции – кажа Мисајловски.

Ако се има во предвид целокупната ситуација во земјава, вели Мисајловски, јасно е единството во ВМРО-ДПМНЕ, а анкетите покажуваат огромно водство за партијата и Коалицијата која ја предводи ВМРО-ДПМНЕ.

Единствена партија која може да направи огромна победа и да добие 61 пратеник на претстојните парламентарни избори е ВМРО-ДПМНЕ. Ќе има и помали партии кои глумат опозиција, но тие се против опозицијата, а ја бранат власта. Тоа се луѓе кои за пари прават се, такви партии како на пример Десна не смеат да бидат дел од политичката слика – рече Мисајловски.

Според него, ДУИ само се обидува сите да ги заќути и да ги придобие.

На пример, за краток период влезе во Владата и Алијанса за Албанците. И со тоа се испразни место во ДИК кое треба да е на опозиција, но наместо тоа место да и се даде на албанската опозиција се прават игри. Сега да видиме дали опозицијата ќе го добие местото во ДИК или власта пак ќе манипулира – кажа Мисајловски.

Мисајлоски заклучи дека ВМРО-ДПМНЕ на овие избори ќе ги победи сите.

За СДС е јасно одамна дека се кираџии во своја куќа и затоа е добро да има избори, а на истите следната година ќе победи ВМРО-ДПМНЕ и покрај се што прави власта  – вели Мисајловски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.