Идентификување и преземање мерки против говор на омраза во натписи на јавни згради и споменици, текстови во учебници и учебни програми, како и во јавниот простор ќе биде обврска на министерствата за надворешни работи на Бугарија и Македонија кои ќе ги контактираат и информираат надлежните институции за заедничко идентификување на таквите случаи.
Ова, меѓу другото е предвидено во текстот на Протоколот кој денеска беше потпишан меѓу нашата држава и Бугарија. Министерот за надворешни работи Бујар Османи на брифинг со новинарите по враќањето од Софија го презентираше Протоколот за кој рече дека во текот на денот ќе биде јавно објавен.
Во него, дополнително за говорот на омраза е предвидено дека државите ќе преземат ефикасни мерки за превенирање на недобронамерна пропаганда од страна на институции и агенции и ќе обесхрабруваат активности на приватни субјекти, насочени кон поттикнување на насилство, омраза или други слични активности, кои би наштетиле на нивните односи.
Двете држави преку дипломатски канали меѓу министерствата за надворешни работи да продолжат да разменуваат информации во врска со говор на омраза, идентификувани натписи и знаци на јавни згради и споменици, текстови во учебници и учебни материјали како и во јавниот простор на територијата на другата држава и да информираат во разумен рок за преземање активности од соодветната држава за неодложно отстранување на идентификувани случаи на говор на омраза, се наведува во Протоколот.
Македонија и Бугарија треба да гарантираат дека државното финансирање на нови книги, документарни изданија и списанија, филмови и друга уметничка продукција при што секој субјект финансиран од државата ќе потврди преку јасна и обврзувачка изјава дека ќе го следи со неопходното внимание прашањето за неприфаќање на сите форми на говор на омраза. Непочитување на оваа должност ќе претставува основа за прекин на понатамошното државно финансирање на ваквиот субјект.
Министерот Османи појасни дека преку овие точки во Протоколот мининстерствата ќе го следат трендот и доколку увидат дека некој намерно провоцира, ќе ги информираат надлежните институции дека некој намерно провоцира и прави пропаганда.
Никој не смее да поддржи говор на омраза. Ниту тие кон нас, ниту ние кон нив, нагласи Османи.
Прашан дали ќе има реакција за некои зборови како „фашистички”, министерот рече дека тоа е работа на заедничката Комисија за историски прашања. Во однос на тоа доколку стигне нота од Министерството за надворешни работи на Бугарија за некој споменик каде што пишува фашистички окупатор, Османи рече дека кај нас ќе се реагира според нашиот закон за говор на омраза.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.