Доколку ова денеска е историски ден, откако ќе се вратат од Брисел премиерот Ковачевски, Бујар Османи и Бојан Маричиќ, нека одат на плоштад и нека го повикаат народот на заедничка прослава, а не да одат во Клубот на пратеници на затворена прослава, изјави денеска на прес-конференција во Собранието пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски.

Според Милошоски, се гледа дека тие се срамат од ова што го прават, но, како што рече, се обидуваат преку пиар пропаганда да го претстават денот како некој голем успешен историски ден.

Во Брисел денеска имаме две држави, од коишто едната Албанија реално ќе ги започне преговорите со отворање на реална меѓувладина конференција и Македонија која што ќе има свечен ручек и фотографија и нема да ги започне преговорите, туку ќе се врати дома за да ги исполни уцените и барањата од Бугарија како предуслов за некогаш по година, две или покасно да ги започне преговорите со ЕУ, изјави Милошоски.

Државата, според Милошоски, од денес па натаму влегува во еден лавиринт каде што историјата и минатото ќе бидат многу поважни од сегашноста, иднината и европските стандарди како за секоја нормална земја која се стреми за членство кон ЕУ.

Затоа сметам дека фотографијата од Брисел ќе ни послужи добро да ги препознаеме оние коишто во Македонија се неспособни и оние коишто во соседството се способни. И фотографија ќе биде многу добра за генерациите да се сеќаваат кои луѓе за краткорочна политичка кариера одлучиле свесно да играат улога на предавници, изјави Милошоски.

Одговарајќи на новинарско прашање, Милошоски, рече дека Уставот по однос на прашањето со Бугарија нема да се смени.

Тоа значи дека онаа прогноза што ја даде претседателот Пендаровски, оваа превземена обврска која што не може да се реализира, веројатно е дека ќе доведе до политика криза и истата ќе резултира порано или покасно со предвремени избори, изјави Милошоски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.