Вршителот на должноста бугарски министер за надворешни работи Николај Милков, вели дека за Бугарија е единствено важно да обезбеди еднакви права на бугарскиот народ со другите народи во Република Македонија.
Тој одговори на прашање во врска со изјавата на претседателот на Македонија, Стево Пендаровски, дека барањето на Бугарија да биде дел од процесот на уставни измени е скандалозно.
Бугарија нема да прифати никаква формулација со која на македонските Бугари ќе им се додели статус што на кој било начин е различен од оној од другите уставно признати делови од народите во Република Македонија. Вклучувањето на Бугарите во Уставот на Република Македонија и заложбата на Скопје да преземе мерки за обезбедување ефективен пристап до еднакви права, заштита од дискриминација и заштита на културата и идентитетот на Бугарите, се наведени во Протоколот од вториот состанок на Мешовитата меѓувладина комисија, кој беше потпишан на 17 јули 2022 година, коментира Милков.
Тој изрази жалење што оттогаш нема напредок по ова прашање. Според него, темата станала предмет на „внатрешна дебата“, поврзана со покренување постапка за промена на Уставот на Република Македонија.
Во врска со почетокот на овој процес, Милков изјави дека ги поздравува напорите на Република Македонија за исполнување на обврските, кои, според него, треба да доведат до практична рамноправност на тукашните Бугари.
Успешното завршување на еден ваков процес ќе доведе до издигнување на билатералните односи на квалитативно ново ниво и ќе даде позитивен поттик на напорите на Република Македонија за почеток на преговори за членство во Европската унија, изјави Милков.
Тој посочи дека процесот на промена на Уставот секако е внатрешна работа на Република Македонија.
Има низа акции кои може да се оквалификуваат како обиди за подигнување на степенот на тензија, со што би се намалила можноста за мирен дијалог и атмосфера за овие промени. Јас лично не мислам дека изјавите од ваков тип водат кон смирување на ситуацијата, истакна Милков, во врска со изјавата на Пендаровски.
Министерот порача дека во духот на досегашното искуство, би сакале да се избегнат сценарија во кои приоди и конкретни решенија се договараат зад грб на Бугарија со земјите членки на Европската Унија, за потоа да се врши притисок врз Бугарија или таа да биде ставана пред свршен чин.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.