Овој политички саем треба да биде резиме на тоа што затекнавме, но и што направивме за овие 365 дена како локална власт. Обврската добиена од граѓаните да се управува со општините за мене претставува најголемата должност да се оправдаат очекувањата, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на отворањето на првиот политички саем во Македонија.

Под мотото „Саем на промените што носат иднина“, на кој партијата ќе направи отчет за сработеното во првата година од мандатите на градоначалниците кои победија на последните локални избори, Мицкоски уште на почетокот истакна дека е задоволен од работата на градоначалниците и од постигнатите резултати.

Дванаесет месеци подоцна, по многу часови напорна работа, по многу непроспиени ноќи поминати во комуникација со градоначалниците, по многу пот, пожртвувана работа, посветеност, можам да кажам дека сум задоволен од она што се постигна. Најголемата придобивка е што се чувствуваат промените што носат иднина. И тие се малата, но многу значајна надеж дека може поинаку. Започнавме да градиме една поинаква слика и покажуваме со дела дека може поинаку, може подобро и може чесно. Поминавме година без ниту еден скандал во локалната самоуправа, со многу вратени стари долгови во општините кои беа блокирани, со многу почнати нови проекти, но и еден поинаков однос кон решенијата. Проблеми кои се решаваат заедно со граѓаните. Срушена е бариерата која со децении постои помеѓу граѓанинот и политичарот. Градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ можете да ги видите по парковите, градилиштата, маалата, улиците, достапни за народот. Очи в очи да разговарате, да дебатирате, да критикувате, рече Мицкоски.

Тој не пропушти да нагласи дека овие резултати во локалната самоуправа се постигнати во услови на тешка економска и политичка криза и грчевита борба со централната власт.

И знам дека не може да се решат сите проблеми, ниту пак тоа го ветивме, но затоа се трудиме со сите сили да 2 решиме што е можно повеќе проблеми и да не заборавиме ниту за миг сè што ветивме, додаде тој.

Односот на Владата кон општините Мицкоски го оцени како отворен непријателски. Се пожали дека општините со кои раководат градоначалници од ВМРО-Д-МНЕ се соочуваат со катадневни опструкции, кратења на фондови, одземање на помош, нерешавање на проблеми.

Ваквите неправди нè мотивираа да работиме повеќе и попостојано. А тоа го потврдуваат резултатите.

Мицкоски одговори и на прозивките дека е „најистурениот градоначалник“, но и на забелешките што оди со градоначалниците при реализација на проектите

Ако е главната забелешка зошто заедно со градоначалниците работам да се реализираат проекти за народот, ако главното што можат да искритикуваат е тоа што имам непроспиени ноќи и часови и часови работа посветено на остварување на ветеното, тогаш можам да кажам дека сме на вистинскиот пат. Затоа што она што нема цена се чистиот образ и честа кои треба да се бранат со дела. Секој збор од овие програми ветени пред граѓаните го бранев на изборите лично јас, со моето име и мојот кредибилитет. И немам намера да избегам ниту милиметар од тоа што го ветив и затоа сум најмногу заинтересиран да не го разочараме народот и затоа и тие малкумина загрижени кои ги даваат ваквите забелешки треба да знаат, заедно со градоначалниците ќе ме гледаат уште многу на отворања и градба на нови улици, паркови, водоводи, нови канализации и училишта, на многу нови проекти и реализирани ветувања. Затоа сум задоволен од постигнатото, а најмногу што го одржавме зборот, рече Мицкоски.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.