​ Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска го повтори ставот на партијата дека нема да поддржат уставни измени во Собранието под постојните услови.

– Ако мислат дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе ги поддржи овие уставни измени под овие услови и овие околности, тогаш еве јавно кажувам дека тоа нема да се случи. Ние имаме јасна позиција – нема да поддржиме уставни измени под овие услови, рече Мицкоски во одговор на новинарско прашање за коментарот на претседателката на Европската комисија Урсула Фон дер Лајен дека очекува да биде обезбедено мнозинство и уставните измени да бидат изгласани во Собранието.

Мицкоски претходно викендот изјави дека ВМРО-ДПМНЕ ќе поддржи уставни измени само доколку добие гаранции од ЕУ дека земјата ќе влезе во Унијата и дека за време на пристапниот процес, Бугарија нема да стави нови вета.

Во однос на пакетот на помош што го најави Фон дер Лајен, Мицкоски рече дека секоја помош е добредојдена и оти очекува таа да се продлабочи, пред се, со доделување грант во однос на изградбата на пругата кон Бугарија, финансиска поддршка и за коридорите 8 и 10а, како и за енергетски проекти, како што е изградбата на хидроелектраната Чебрен.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.