Министерот за надворешни работи на Република Македонија Бујар Османи денес оствари средба со Специјалниот пратеник на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, надлежен за Западен Балкан, Сер Стјуарт Пич, кој е во дводневна работна посета на нашата земја.

 

Османи на средбата го поздрави интензивниот ангажман на Пич во регионот на Западниот Балкан, што е потврда за континуираната посветеност на Обединетото Кралство на нашиот Регион.

 

Министерот го запозна специјалниот пратеник Пич со процесот на отпочнувањето на преговорите со Европската унија и отворањето на процесот на скрининг, уверувајќи дека истиот ќе придонесе за неизбежен напредок во евроинтеграциите, преку стабилен прогрес во имплементацијата на ЕУ реформите во земјата.

 

Двајцата соговорници се осврнаа на успешната соработка меѓу двете земји и во други области од взаемен интерес. Обединетото Кралство продолжува да биденашиот втор најголем трговски партнери еден од најголемите странски директни инвеститори во нашата земја.

 

Специјалниот претставник Пич, од своја страна, увери дека Обединетото Кралство ќе продолжи силно да ја поддржува европската интеграција на Македонија и процесот на одржување на безбедноста и стабилноста на целиот Западен Балкан, со цел надминување на сите ризици и последици, предизвикани со војната во Украина. Ја поздрави улогата и цврстата посветеност на Македонија како сојузник во НАТОво насока на зачувување на глобалниот мир и безбедност.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.