Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски упати честитка по повод празникот на српската етничка заедница во Република Македонија, Свети Сава.

Дозволете ми во мое лично име и во име на партијата ВМРО-ДПМНЕ на граѓаните на Република Македонија припадници на српската етничка заедница да им го честитам празникот Свети Сава. Големиот светител има дадено огромен и непроценлив придонес за културата на Србите, а неговото дело за ширењето на писменоста и христијанството оставил траен белег.

Србите во Македонија се дел од културниот, јазичниот и општествениот мозаик на нашата земја, кои придонесувале и придонесуваат кон изградбата на заедничката иднина.

Духовните мостови помеѓу народите најдобро се симболизираат преку взаемната почит и соработка, а одбележувањето на ваквите празници овозможува продолжување на традицијата на заедничка доверба и негување на културни особености и обичаи. Македонија е горда на својата вековна историја на соживот и разбирање и тоа е нашиот темел за иднината. Само обединети можеме да ги надминуваме сите предизвици. Само сплотени можеме да ги решаваме сите проблеми кои не тиштат, без разлика на нашата верска и етничка припадност. Само заедно можеме да направиме подобра денешница и уште подобро утре.

Ви посакувам празничните мигови да ги поминете во радост, благосостојба и добро здравје.

Нека е честит празникот Свети Сава!, напиша во честитката Мицкоски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.