ВМРО-ДПМНЕ ќе прифати лидерска средба доколку на неа се разговара за актуелните проблеми на граѓаните, а не за промена на Уставот, за што партискиот став е непроменет дека под овие околности нема уставни измени, изјави денеска претседателот на партијата Христијан Мицкоски.

– Покана се уште немаме добиено, не го знаеме форматот на таа лидерска средба, не ја знаеме содржината и темите на кои што би се разговарало, но мојот совет до Владата и до Ковачевски би било доколку се случи таа лидерска средба, да разговараме за она што е навистина голем проблем за граѓаните, а тоа е тешкиот живот, економската состојба на граѓаните, ниските плати и пензии, високата инфлација, потенцијалната енергетска криза… Тоа се оние суштински теми кои според мерењата на јавното мислење и како одговорни политичари треба да разговараме за надминување на тие проблеми. Ако некој мисли дека ќе наметне теми кои што поларизираат, како што е промена на Уставот, па ВМРО-ДПМНЕ ќе седне на таа лидерска средба, па ќе зборуваме за нешто што е веќе познато и константа во јавноста, тогаш се лаже, бидејќи ставот на ВМРО-ДПМНЕ јавноста го знае, тој е непроменлив, константен дека под овие околности промена на Уставот нема, рече на новинарско прашање Мицкоски по посетат на населено место Мралино, Илинден

Според него, темата за уставните промени е тема која поларизира, а не обединува.

– Ја советувам Владата доколку веќе организира лидерска средба да отидеме таму и да разговараме за актуелните проблеми кои што ги мачат сите граѓани, а не за теми кои јавноста е веќе запознаена со ставовите на политичките партии… Ако мислат дека на сила ќе го сменат Уставот, како што правеа со Преспа, нема да сменат, јас го гарантирам тоа, рече Мицкоски.

Тој при тоа додаде дека не очекува Владата да го прифати овој совет и дека ќе се обиде да ги наметне уставните измени, а доколку тие не отидат на средбата би ја обвиниле ВМРО-ДПМНЕ дека се против ЕУ-интеграцијата. Во интерес на партијата, е вели да се разговара за една изборна единица, за предвремени парламентарни избори, но вели, подготвени се овие прашања да ги стават на страна и да разговараат за проблемите на граѓаните, како и за задолженоста на земјата која, според Министерството за финансии за три месеци пораснала, а секое домаќинство е дополнително задолжено за 670 евра



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.